Дирекцијата на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ денеска соопшти дека продолжува традиционалната хуманитарна акција на фестивалот, односно донирање средства на Јавната установа Дом за доенчиња и мали деца во Битола.
Директорката Лабина Митевска посочи дека акцијата е прифатена и поддржана и затоа и годинава одлучиле да ја организараат за време на фестивалските денови.
– Во големата сала на Центар за култура-Битола се одвива продажна кампања на брендиран материјал со логото на Фестивалот, односно ранци, маици, тефтерчиња, светилки, а од синоќа и ДВД изданието од филмовите на браќа Манаки. Целта на акцијата е подигнување на свеста за општествената и јавна одговорност, не само на фирми, туку и на културните институции, истакна Митевска.
Собраните средства ќе бидат донирани на Јавната установа Дом за доенчиња и мали деца – Битола.