Организаторите на 34-то издание на ИФФК „Браќа Манаки“ денеска во Битола го претставија меѓународното стручно жири, со кое претседава Хозе Луис Алкаин, годинешен добитник на наградата за животно дело „Златна Камера 300“.
Во жирито членуваат и Елма Татарагиќ, драматург од Сараево, Божидар Манов филмски критичар и публицист од Софија, Амнон Залит израелски кинематографер и македонскиот драмски писател и сценарист Дејан Дуковски.
Лауреатот Алкаин на прес – конференција денеска истакна дека главниот фокус при оценувањето на филмовите во компетиција и распределбата на наградите ќе биде насочен во улогата, работата на светлото во филмот.
– Мотото на фестивалот „Пуштија светлината“ ни го дава одговорот на нашата работа. Како директор на фотографија сметам дека треба да одлучиме и оцениме каква е улогата, работата на светлото бидејќи кадрите ги прави светлината. Пред 30-40 години режисерите не доаѓаа од истата професија, тие најчесто беа писатели или театарски режисери и немаа големо искуство во кадрирањето, но сегашните режисери имаат искуство со кадрирање. Нашата работа е да им помогнеме во кадрирањето и така ќе се воочи авторскиот придонес во осветлувањето, истакна шпанскиот кинематографер Хозе Луис Алкаин.
Алкаин посочи дека во оваа епоха сите филмови се многу добри во однос на светлото и движењето на камерата, но ние нема да гледаме на филмската приказна, рече Алкаин туку на работата на кинематограферот.
Според членот на жирито од Израел, Амнон Залаит камерата дава додатна вредност на филмот и тоа е важен аспект на кој ќе се посвети посебно внимание при оценувањето на кинематограферите, додека филмскиот критичар од Бугарија, Божидар Манов потврди дека годинава на ИФФК „Браќа Манаки“ се светски познати кинематографери и директори на фотографија.
– Кога ја видов листата на филмови од официјалната конкуренција констатирав дека се работи за многу силна селекција. Убеден сум дека ќе има добри актерски приказни. Се надевам дека нашите одлуки ќе предизвикаат стручни дискусии затоа што тука се многу познати, прочуени кинематографери и директори на фотографија, истакна Манов.
Во фестивалскиот центар прес – конференција одржаа и Филип Кирсамер кинематографер во филмот „Дечко бе“ и Диего Ромеро кинематографер во филмот „Запри го растрепереното срце“ кои беа емитувани синоќа како дел од официјалната програма.
Интернационалниот фестивал за филмска камера „Браќа Манаки“ продолжува со содржините од повеќе програми, а централниот настан ќе се одржи вечер во 19 часот кога министерката за култура Елизабета Канческа Милевска ќе промовира ДВД со дигитализирани дела на браќата Манаки, а веднаш потоа на јавноста ќе и бидат презентирани филмови на браќа Манаки во пијано придружба на „Маротови“.