„Хамлет во пикантен сос“ на „Театарот комедија“ премиерно на „Охридско лето“

Од:

Осмиот ден од годинешното издание на „Охридско лето“ резервиран за уште една премиера, со претставата „Хамлет во пикантен сос“ во изведба на Театарот комедија од Скопје како невен прв настап на нашата најголема културна манифестација.

Режисерот на претставата Александра Крдалевска за најновото остварување на „Театар комедија“ истакна дека се работи за урнебесна комедија што го следи концептот на карневалската книжевност, ја слави обновата односно цикличните процеси во природата.

– Претставата создава некаков амбивалентен однос кон животот, храната, смртта, се занимава со некакви пошироки, глобални проблеми. Таа е атрактивна оттаму што сите тие односи внатре во самото дејство се обработени како апокриф на Хамлет од Шексир, но приказната е ставена во други околности, во кујната на дворецот каде главниот готвач правејќи сплетки стихијно ја креира шекспировата драма, појасни Крдалевска.

Особено задоволна од работата со овој млад ансамбл за кој нексромно рече дека е полн со ентузијазам, свежи идеи, Кардалевска оцени дека тоа се параметрите што само ја надополнуваат приказната во делото на Алдо Николај.

Главната улога во претставата ја толкува Крсте Јовановски, кој рече дека за него е комплимент да работи со млада екипа, млад ансамбл, имајќи ја предвид неговата возраст.

– Во својата 30-годишна уметничка кариера за првпат откривам нова димензија, откривам нов талент, нова сила кај мене, осознавам дека човекот додека е жив постои и открива нешто ново, рече тој.

Директорот на куќата Јелена Жугиќ, која и самата игра во претставата толкувајќи ја улогата на кралицата, вели дека предизвик за неа е застанување на сцена заедно со актерите од куќата со која раководи.

– Ова е обострано искуство, колку јас што со своите 50 премиери донесов нешто ново, така и од нивните пет купив нешто, научив нешто во самиот процес на работа. Секоја генерација носи свој хумор, свој систем на мислење, начин на работа…, рече меѓу другото Жугиќ.

Инаку, „Хамлет во пикантен сос“ е петта претстава на релативно младиот „Театар комедија“, премерно сработена за фестивалот „Охридско лето“.

Во својата втора сезона од формирањето, Театарот комедија оваа година е најнаградуваниот театар на фестивалот „Војдан Чернодрински“ со освоени три награди, а освои и две значајни награди на фестивалот на театри во Мостар. Речиси 70 проценти од актерите во Театар комедија се луѓе кои ја почнуваат својата уметничка кариера.

Претставата „Хамлет во пикантен сос“ ќе се игра утревечер на сцената во предворјето на Основното училиште „Свети Климент Охридски“, со почеток од 21 часот.

Би можело да ве интересира

„Охридско лето“ на годинешното Генерално собрание на Европската фестивалска асоцијација

Поповиќ: Со одобрените 30 милиони денари од Министерството за култура ќе реализираме квалитетна програма

Музичка вечер на „Охридско лето“ со концертот на професионалниот мешан хор „Про Арс“

Вечер на Украина во рамките на „Охридско лето“ со пијанистот Алексеј Ботвинов

Црногорскиот виртуоз на виолина Роман Симовиќ на „Охридско лето“

На „Охридско лето“ пијано рецитал на Френк Дупре и претставата „Ана Каренина“ на Театарот од Нови Сад

Предраг Петровиќ