Македонската филхармонија вечер во Македонската опера и балет ќе го одржи вториот симфониски концерт од новата сезона, насловен „Ах тие летни ноќи“. Диригент е Пол Меккриш од Англија, а ќе настапи шведската оперска певица Ан Халенберг.
На програмата се делата „Прошетка до рајската градина“ која, како што најави Филхармонијата, е една од најимпресивните оркестарски композиции на англискиот композитор Фредерик Делиус, и циклусот од шест песни „Летни ноќи“ од францускиот композитор Хектор Берлиоз. Тие ќе бидат премиерно изведени во Македонија, како и епската Четврта симфонија од германскиот композитор Јоханес Брамс.
– Овој концерт е посебен не само поради впечатливата програма, туку поради извонредните гости. Зад пултот со Македонската филхармонија ќе застане англискиот диригент Пол Меккриш, кој се смета за еден од најдобрите познавачи на барокната и ренесансната музика, а македонската публика ќе има ретка можност во живо да ја слушне една од водечките оперски певици во Европа, мецосопранот Ан Халенберг од Шведска. Таа доаѓа од престижните оперски куќи како Миланска „Скала“ или „Реал“ од Мадрид и соработува со реномирани диригентски имиња како Рикардо Мути или Кент Нагано, соопшти Филхармонијата.