Министерството за култура донесе решение за разрешување на Горан Стојановски од функцијата директор на Националната установа Центар за култура „Григор Прличев“ – Охрид. За вршител на должноста директор во оваа установа е назначен актерот Стрезо Стаматовски.
Министерството за култура соопшти дека според наодите на инспекциските служби било констатирано дека директорот на установата не го усогласил работењето согласно со законските одредби и Статутот на установата.
Од таму велат дека Стојановски не донел програма за работа на установата за 2016 и за 2017 година.
„Освен тоа, директорот на Центарот за култура „Григор Прличев“ не ги почитувал одлуките на Управниот одбор, конкретно за користење на службени мобилни телефони, како во однос на бројот на службени телефони, така и од аспект на надминување на дозволениот месечен максимум на трошоци утврден со одлуката“, соопшти Министерството.
Понатаму, стои во соопштението, спротивно на Законот за култура, директорот не спровел постапка за реаудиција за вработените уметници-актери и не вовел електронски систем за евиденција на работното време за вработените.
Министерството за култура потсетува дека именувањето на в.д директори, се прави со цел што побрзо ослободување на клучните институции, кои, како што велат, досега беа заробени од партиски кадри.
Од таму велат дека ќе биде предложена измена на Законот за државни службеници, со цел да се одблокираат институциите и да се обезбеди демократски трансфер на власта во сите ресори.
„По исполнување на законските услови, низ целосно отворен и транспарентен процес, Министерството за култура ќе распише конкурси и ќе спроведе постапки за избор и именување нови директори на националните установи“, соопшти Министерството.