Денеска се одржа прес-конференција за претстојното 38. издание на интернационалниот фестивал за филмска камера „Браќа Манаки“ на која што беше соопштено дека францускиот кинематографер Пиер Лом ќе биде добитник на „Златната камера 300“ за животно дело.
На прес-конференцијата присувствуваа директорот на фестивалот, Благоја Куновски – Доре, уметничкиот директор Гена Теодосиевска, претседателот на асоцијацијата на филмските професионалци, Роберт Насков, и амбасадорот на Франција во Македонија, Кристијан Тимоние и кажаа дека се задоволни од подготовките и ветија одлично издание, силна и компетитивна филмска програма и придружни ревијални програми.
– Задоволни сме од подготовките на фестивалот иако неговото одржување беше доведено во опасност поради обидите да биде бесправно преземен. Ја поздравуваме одлуката тој да остане во рацете на неговите основачи – Друштвото на филмски работници, и 38. пат да биде организиран високопрофесионално и да го задржи реномето што го има во светот на филмските професионалци, особено кинематограферите, рече Куновски.
За Теодосиевска и Куновски е особена чест што наградата за животно дело оди во рацете на големиот светски и француски кинематографер Пиер Лом, кој во својот опус има повеќе од 100-ина филма, од кои 60 играни целовечерни остварувања.
„Ви благодарам на поканата и на наградата за животно дело. Ја прифаќам поканата и ќе дојдам да ја примам наградата и да ја запознам вашата земја“, напишал Лом во дописот до фестивалот.
Денеска беше соопштение и дека специјална награда за животен опус ќе биде доделена на продуцентската куќа „Вардар филм“, кои годинава прославуваат 70 години постоење.
Интернационалното жири годинава е составено од ол Рене Ростад, кинематографер од Норвешка како претседавач, и членовите Лука Коасин, кинематографер од Италија, режисерот и сценарист од Македонија, Дарјан Пејовски, и кинематограферот Ерол Зубевиќ од Босна и Херцеговина.
Конечната фестивалска програма ќе биде соопштена пред почеокот на фестивалот, кој е закажан да почне на 23. септември.