Фотографии од златен археолошки наод во Неготинско наскоро ќе бидат презентирани на изложба, информираше денеска Драгица Чекорова, директор на неготинскиот Музеј.
-Златниот наод се наоѓа во Археолошки музеј – Скопје. Сега преку фотографии ќе може да биде виден и кај нас. Се работи за златни предмети пронајдени во археолошкиот локалитет „Орманков гроб“ во неготинското село Тремник, близу автопатот Скопје-Гевгелија. Златниот накит и монетите беа откриени во археолошко истражување во 2008 година, под раководство на кустос советник и археолог Кире Ангеловски. Вкупната тежина на златните предмети изнесува околу еден килограм, појасни директорката Чекорова.
Активностите за презентација на фотографии од вредниот златен наод се финансирани од Министерството за култура, како проект од национален интерес.
Изложбата се подготвува и со поддршка на неготинската локална самоуправа.