Филмови за Њу Ордер, Антон Корбејн и џез вечер на 6. Синема Сити

Од:

Со проекција на филмот „Декади“ на режисерот Мајк Кристи за бендот Њу Ордер в сабота, на 19 септември, во дворот на Кинотека ќе започне првиот дел од шестото издание на Филмскиот фестивал за музички документарни филмови Скопје Синема Сити.

Како што најавуваат организаторите на манифестацијата, во двете фестивалски вечери ќе бидат прикажани четири филма поделени тематски.

Њу Ордер се артисти во фокус на фестивалот, а филмот е приказ на нивниот проект со Манчестерскиот Интернационален Фестивал каде се случуваат уметнички инсталации и проекти. Филмот „Декади“ е истовремено полуконцертен и полудокументарен филм за оваа соработка и серија настапи по европските градови.

Истата вечер, ќе биде прикажан филмот „Изнесено на виделина“ за познатиот уметнички фотограф и режисер Антон Корбејн. Филмот е биографски и ја следи неговата соработува на фотосесиите со бендови како U2, Depeche Mode, или на сцена додека ги режира филмовите како „Контрола“ и „Американецот.“

Втората вечер, на 20 септември, е џез вечер и ќе бидат прикажани филмовите за Ли Морган „Го викав Морган“ и „Бил Фрисел: Портрет“.

Ли Морган, се наведува, бил еден од најталентираните џез трубачи со блескава кариера и џез изданија кои се сметаат за антологиски. Меѓутоа неговата кариера била запрена кога бил убиен од сопругата. Ова е емотивен филм за тоа како една блескава кариера дошла до својот крај и луѓето кои биле инволвирани во оваа приказна.

Бил Фрисел е еден од најпознатите и најпочитувани џез гитаристи. Овој интимен портрет на режисерката Ема Франц е сниман неколку години додека Фрисел работел на неколку различни проекти. Овој повеќекратен добитник на наградата Греми и редовен добитник на наградата „Гитарист на годината“ кој го доделува џез списанието Downbeat, се смета за најиновативниот и највлијателен американски џез гитарист во последните четири декади.

Помеѓу овие два филма ќе следи настап на реномираниот џез гитарист Сашо Поповски. Поповски е професор по гитара на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, директор е на Jazz Factory фестивалот во Битола, а наскоро треба премиерно да го објави својот нов албум „Fallen Land” за етикетата на Скопскиот Џез Фестивал.

Карти за проекциите ќе можат да се набават исклучиво на касата на Кинотека. Фестивалот е организиран согласно здравствените протоколи.

Вториот дел од фестивалот ќе се организира на 2 и 3 октомври.

Фестивалот е во организација на здружението Номад-Арт Скопје во соработка со Кинотека на С. Македонија, и е помогнат од Агенцијата за филм на РСМ.

Би можело да ве интересира

Исландскиот композитор Олафур Арналдс oсвои награда на фестивалот „Скопје Синема Сити“

Ана Ололовска

„Скопје синема сити“ ќе прикаже филмови посветени на уметниците Олафур Арналдс и Мајлс Дејвис

Ана Ололовска

Дводневен летен филмски настан во склоп на фестивалот „Скопје синема сити“

Ана Ололовска

Филм за Леонард Коен и блок македонски филмови за затворање на 6. издание на Скопје синема сити

Ана Ололовска

Вечерва започнува 6.-то издание на филмскиот фестивал Скопје Синема Сити

Ана Ололовска

Бендот „Њу ордер“ и фотографот Антон Корбeјн за отворање на фестивалот Скопје Синема Сити

Ана Ололовска