Со проекција на „Три бои: сино“ – копродукција на Франција, Полска и Швајцарија од 1993 година, во Кинотеката вечер ќе биде отворена Неделата на полски филм посветена на полскиот режисер Кшиштоф Кјешловски.
„Три бои: сино“ е прв дел од неговата трилогија „Три бои“ кои ги симболизираат боите на француското знаме и паролите за слобода (сино), еднаквост (бело) и братство (црвено). Филмот доби „Златен лав“ и уште шест други награди на фестивалот во Венеција, три награди „Цезар“, номинација за „Златен глубус“… Во наредните два дена ќе бидат прикажани и вториот и третиот дел од трилогијата.
Во рамки на филмската недела која ќе трае до 4 декември ќе има десет филмови на славниот полски режисер – од неговата рана полска фаза, кога го инкорпорира документаризмот во играниот филм, па сè до неговите последни три интернационални проекти (главно во француска продукција), познатата трилогија „Три бои“, двата долгометражни играни филма кои произлегоа од неговата ТВ-серија „Декалог“: „Краток филм за убивањето“ и „Краток филм за љубовта“.
Тука е и „Двојниот живот на Вероника“ – филм што ја интернационализира неговата успешна кариера. Смртта го спречи Кјешловски да реализира уште еден долгометражен игран филм од „Декалог“ – „Краткиот филм за љубомората“, како и трилогија со темата за пеколот, чистилиштето и рајот.