Македонската филхармонија задутре ќе го изведе третиот концерт од циклусот „Кирилица“, под водство на диригентот Борјан Цанев.
Како солисти ќе настапат истакнатите македонски кларинетисти Здравко Ангелов и Игор Бакревски, кои ќе ги изведат Концертната пиеса за два кларинета и оркестар бр. 1 на Феликс Менделсон и пиесата „Средба“ за два кларинета и оркестар на Алмикаре Понкиели.
Филхармонијата на концертот ќе ги изведе и Увертирата кон операта „Лоенгрин“ од Рихард Вагнер, со што ќе го почне празнувањето на 200-годишнината од раѓањето на овој значаен композитор, како и Варијациите и фуга на тема од Хенри Персел од Бенџамин Бритн, во чест на 100 години од раѓањето на Бритн.
Светска праизведба на концертот ќе има и делото Варијации за симфониски оркестар од младиот македонски композитор Дамјан Темков.