На еден од онлајн-настаните кои ги заменија активностите на планираниот годинaшен конгрес, Меѓународната федерација на филмски архиви ФИАФ (International Federation of Film Archives – FIAF) му оддаде почит на неодамна починатиот Борис Ноневски, поранешен директор на Кинотеката на Македонија,
– Годинашниот, 77-ми конгрес на ФИАФ требаше да биде одржан месецов во Дака, Бангладеш, со што би се прославила и 50-годишнината од постоењето на националниот филмски архив на оваа земја. Со оглед на тоа што пандемијата сè уште не дозволува масовни настани со физичко присуство, ФИАФ од 21 до 23 април одржа неколку виртуелни настани како замена за планираниот конгрес. На 21 април три комисии на ФИАФ ги одржаа нивните годишни работилници за заштита на филмското наследство, а Генералното собрание на 22 и 23 април одржа виртуелно заседавање со учество на 172-те членки на Федерацијата, на кое им беше оддадена почит на починатите истакнати членови, меѓу кои и Ноневски, соопшти Кинотеката.
Наведува дека Борис Ноневски (1948-2021) беше директор во неколку мандати и за време на неговото раководење Кинотеката ја збогати научно-истражувачката и издавачката дејност преку организирање интернационални симпозиуми.
– Ноневски беше истраен истражувач, посветен аналитичар и голем вљубеник во филмот. За време на неговото раководење со Кинотеката беа формирани два оддели, филмски архив и јавна дејност, а потоа и оддел за документација, воведување систематско и аналитичко обработување на филмовите (одделно документарни и играни) формирање и воспоставување на принципите на обработка, систематизирање, каталогизирање, организирање фототека и одделот за музејски експонати. Воспоставени се методологии по кои до ден-денес се работи во Кинотеката и започнати се и завршени бојни проекти. Исто така, почнати се и повеќе видови на каталози и каталогизирање на филмовите. Под раководство на Ноневски започнаа и првите сериозни проекти за заштита на филмската историја преку изработка на нови филмски копии…, информира Кинотеката.
Како директор на Кинотеката, Ноневски во 1993 го организираше и првото интернационално издание на Меѓународниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ во Битола, а Кинотеката беше организатор на фестивалот и наредната 1994 година.
Владата на Република Франција во 2009 година на Ноневски му додели високо одликување – „Витез во редот на уметностите и литературата“.