Од утре до недела во Тетово ќе се одржи Деветтото издание на Фестивалот на новиот германски филм, информираа денеска од невладиниот Центар за балканска соработка Лоја на прес-конференција во Тетово.
– Отворањето на Фестивалот ќе се одржи утре во Центарот за култура и на него ќе присуствува германската амбасадорка Гудрун Штајнакер и градоначалничката на општина Тетово Теута Арифи. На отворањето ќе биде прикажан филмот „Претежно ведро“, рече Бујар Љума од Лоја.
Во рамки на Фестивалот в сабота и в недела ќе има по две проекции кои ќе се одржуваат во просториите на Лоја при што ќе бидат прикажани филмовите „Човекот го прави тоа што може“, „Секогаш другите се виновни“, „Јоко“ и „Големиот сон“.
Филмовите се од жанрот комедија и драма додека „Јоко“ е детски филм. Сите се од 2102 година односно од најновата германска продукција и за потребите на Фестивалот тие се преведени на македонски и албански јазик. Влезот и за проекциите во Центарот за култура и во Лоја е бесплатен.
Фестивалот е во организација на Лоја и Амбасадата на Сојузна Република Германија во соработка со Прокредит банка и Центарот за култура „Иљо Антески Смок“ во Тетово.
Централното отворање на Фестивалот на новиот германски филм ќе биде вечер во Скопје, додека проекции ќе има и во девет други градови во Македонија.