Издавачката куќа „Феникс“ ја објави на македонски јазик „Книга за чајот“ од јапонскиот писател, мислител и истражувач Какузо Окакура (1862-1913), кој во неа се обидел да ја објасни специфичноста на Истокот преку симболот чај.
– Се смета за дело со најубави есеи кои на човекот од Запад му го претставуваат источниот начин на размислување. Оваа книга има, пред се, културолошки димензии. Покрај историјата на чајот, неговото ширење, филозофските насоки кои влијаеле врз развојот на чајната церемонија, зборува и за мајсторите на чајот чија генијалност проникнува и во бројни други уметности во Јапонија, соопшти „Феникс“.
Во „Книга за чајот“ се содржани темите: чајна церемонија, шолја на човечноста, школи за чајот, таоизмот и зенот, чајна соба, почитување на уметноста, цвеќе, и мајстори на чајот.