Вечерва, со почеток во 19 часот, со физичко присуство, во Музејот на современата уметност – Скопје почнува првиот, од серијата експертски разговори, во рамките на Европското номадско биенале за современа уметност – Манифеста14, проект во Западниот Балкан, под наслов „Експертски дискусии – Општествено ангажирана уметност во Новата Реалност“.
Иако, седиштето на ова издание на „Манифеста“ е лоцирано во Приштина, Косово, биненалето ќе се реализира и во други градови од Западниот Балкан.
Музејот на современата уметност – Скопје, годинава е една од партнерските институции на 14то Европското номадско биенале, Манифеста.
Говорници на настанот ќе бидат: Сантиаго Забала (професор по филозофија на Универзитетот „Pompeu Fabra“ во Барселона и автор на многу релеватни книги), Шираз Гринбаум (фотографка и уредничка, која работи со колективот „Activestills“ и уредничка на онлајн списанието Leafing.co.il), Орен Зив (репортер и фотограф на магазинот Locall call и +972 и ко-основач на колективот „Activestills“), Јонас Стаал (визуелен уметник чија работа се фокусира на релациите помеѓу уметноста, пропагандата и демократијата) и Филипо Минели (уметник со истражувачки интереси фокусирани на пејзажот и јавната сфера).
Куратор и модератор на настанот е Тихомир Топузовски. Вовед во настанот ќе даде претставник на Манифеста14: Емилиа ван Линден, одговорно лице за комуникација, маркетинг и издаваштво на Манифеста.
Секој од говорниците ќе ја презентира својата работа во 15 минутно излагање, а потоа ќе следува сесија на прашања и одговори.
Темата на овие разговори е општествено ангажирана уметност во Новата Реалност.
„Непоходно е да се осредоточиме на методите на образување, уметничките и кураторските практики во ерата на „Новата Реалност“, обликувана од серија настани во текот на 2020 и 2021 година, како што се пандемијата, затворените граници, погрешните политики кон животната средина…. Овој предизвикувачки контекст, не само што создава состојба на „политичка вонредност“, туку и форми на уметнички практики, кои изразуваат „состојба на вонредност“, генерирајќи исто така можности за културните институции во репрезентирањето на овие случувања. Оттаму, во конкретните услови и надминување на конвенционалните дебати на кураторските практики, музејскиот простор, изложбите, колекциите и публиката, треба да се насочиме на уметничките практики, кои се општествено ангажирани, како и на улогата на музеите во ангажманот на заедницата“ велат организаторите на настанот.
Веќе на 11 ноември, на Архитектонскиот факултет во Приштина, тимот на МСУ како ко–партнери на Манифеста14 во 17.30 часот ќе присуствува на дискусија за методите на образование, уметничките и кураторските практики во ерата на „новата реалност“ која е обликувана од слични настани, како последица на пандемијата, која ги затвори границите. Говорници во рамките на оваа дискусија ќе бидат Катрин Николс, креативен посредник на Манифеста14 Приштина, Блерта Хочија, независен куратор и Филипо Минели, уметник.
Како дел од програмата на Манифеста, во текот на 2021/2022 година, Музејот на современа уметност – Скопје ќе биде организатор на програмска целина составена од дискурзивна и изложбена програма. Дискурзивната програма ќе се фокусира на функцијата на музеите на современа уметност во ерата на „Новата реалност“, која е обликувана од поврзани настани во текот на 2020 и 2021 година, како што се пандемијата, затворените граници, реакциите на националистичките влади, непријателските еколошки политики, протестите и сл.