Македонскиот сопран Ана Дурловски ја почне серијата настапи како Кралицата на ноќта во операта „Волшебната флејта“ на Моцарт во Метрополитен операта во Њујорк.
– Дурловски имаше блескав настап како Кралицата на ноќта. Нејзината арија „O zittre nicht“ покажа мрачна нишка, со впечатлива, ласерска фокусираност. Гласот и делува помалку мал за Метрополитен oперата, но недостатокот на волумен го надополни со извонредна техника и страствена драматичност. Клучната арија, „Der hölle Rache“ беше спектакуларно изведена, секоја висока нота како извадена од самиот воздух, удираше како зрак на светлина врз мртвото средиште на нотата. Дурлвоски и Фишер ја изведоа аријата со темпо кое го забрзува срцето, неговата манијакална прецизност поттикнувајќи го нејзиниот гнев, пишува критичарот Ерик Симпсон во њујоршката Класична ревија.
Ставот на Корина да Фонсека-Волхејм во Њујорк тајмс, е покритичен. Таа вели дека Дурловски има лесен, приемлив глас, но потфрлила во својот настап.
– Видливо нервозна, таа со леснотија ги погоди сите високи ноти, но нејзиното изразување беше избрзано, а нејзината проекција недоволно силна, пишува критичарката.
Ана Дурловски е првиот македонски уметник која настапила во престижната опера во Њујорк, најголемата оперска куќа во светот.
– За мене пред се како уметник тоа е голема работа. Се надевам дека тоа е и за нашата држава исто така. Во секој случај искуството што тука се стекнува, верувам дека ќе може да се пренесе и во Македонија. Метрополитен е, сепак, нешто што не можете да го ставите во ниту една категорија. Тоа е посебна категорија. Тука има посебна публика на којашто треба да и се угоди, изјави Дурловски за Македонската радио-телевизија.
Дурловски ја има изведувано Волшебната флејта над 180 пати. Изведбата во Метрополитен операта е под диригентство на Адам Фишер.