Државниот архив ќе учествува на Саемот на книгата, што од утре до 14 септември ќе се одржи на отворениот простор кај СЦ „Борис Трајковски“, на кој ќе се претстави со шеесет наслови, меѓу кои се изданија за познати историски личности, повеќе едиции на зборници од архивски документи за историјата на нашата држава, кои се плод на истражувачката работа во архивите во странство, повеќе монографии што исцрпно обработуваат одредени настани и прашања од историјата, како и оригинални трудови од истакнати историски личности.
-Државниот архив редовно ја презентира својата богата издавачка дејност на саемите на книгата во државата, но и на поголемите саеми на книга кои се организираат во странство. Саемите на книгата се еден од начините за популаризирање на македонската историја, но и за презентирање на резултатите од архивското работење, се вели во денешното соопштение од Државниот архив.
Од оваа институција потсетуваат дека сите изданија на Државниот архив во време на Саемот се продаваат со цени намалени за 30 отсто.