На големата сцена на Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ во Велес во рамките на гостувањето на „Танц фест 2016“ синоќа беше изведена танцовата претстава „Боите на танцот“ на Државната опера и балет од Измир, на музика од Јохан Себастијан Бах, во аражман на Анџелика Акбар и во кореографија на Мехмед Балкан.
Бројната велешка публика на крајот ги награди со силен и долг аплауз и овации 19-те балетски танчери – првенци на Државниот балет од Измир за нивната извонредната и спектакуларна изведба на сцената.
Мехмед Балкан главниот кореограф и раководител на Националните балети во Турција како дел од Директоратот за култура во Анкара, во изјава за МИА даде одлична оценка за приемот кај велешката публика.
– Теaтарот во Велес е нов, имате извонредна сцена и иако Велес е мал град има своја публика која знае да го цени тоа што е добро на сцена и затоа сметам дека ѕвезди на вечерта не беа танчерите туку публиката со нивното прекрасно топло доживување на нашата танцова претстава, потенцира Мехмед Балкан.
Тој појасни дека оваа танцова претстава првично ја направил за Турскиот национален балет со изведба 60-тина балетани-танчери, а потоа направил и помала верзија за Балетот во Измир.
Државната опера и балет од Измир е основана во 1982 година.Таа е една од најголемите уметнички институции во Турција, со голем број продукции. Оваа уметничка куќа во својот регион е предводник во запознавањето на пошироката публика со уметноста на танцот.
Балетот од Измир има остварено голем број турнеи во Турција и странство со голем успех, заради високиот уметнички квалитет на продукциите и танчерите. Нивните извонредни продукции се прикажувани во Кипар, Германија, Италија, Франција, Шпанија, Кина, Босна и Херцеговина, Јапонија, Пакистан.
На Танц фест 2016“ во Велес на 19 април е гостувањето на Strates Rualite Dance Company од Париз, а на 21 април „4 Чакони“ премиера на Скопје Танцов Театар.