Со настапот на кинеската атракција Драгон Кунг фу танцовата компанија од Пекинг на сцената на Велешкиот театар вечерва ќе биде затворено 11. издание на „Танц фест“.
Тие ќе гостуваат со 11-члена екипа која ќе го изведе проектот „Кунг фу танц” – комбинација од борачки вештини и танц. Проектот е на шестмина кореографи, во режија е на Лиу Лу и на музика на Зоу Ханг. Во пет сцени ќе биде презентирана традиционалната култура и современата уметност во Кина, во која борачките вештини се традиционален спорт, но и мошне ценето културно наследство.
Компанијата е основана во 2006 година од светски позната кунг фу ѕвезда Џеки Чен. Вклучува членови од престижни кунг фу групи од Кина и сите имаат богато изведувачко искуство на кунг фу техниките.
Годинашниот „Танц фест“ беше отворен на 14 април со премиера на СМС (сите мои слики) во кореографија и режија на уметничката директорка на фестивалот Рисима Рисимкин. Фестивалот се одржуваше во Скопје и Велес, а настапија танцови групи од Холандија, Бугарија и Кина.