Друштвото на писателите на Македонија со свечен собир, в среда (26 ноември) во 12 часот, ќе ја одбележи 80-годишнината од раѓањето на големиот македонски писател Петре М. Андреевски. За творештвото на Петре М. Андреевски ќе зборува поетот, литературен критичар и есеист Раде Силјан, претседател на Собранието на ДПМ, а стихови од култната стихозбирка „Дениција“ ќе кажуваат артистот Борче Начев и Александра Велинова.
Петре М. Андреевски (1934 – 2006) е претставник на третата генерација современи македонски писатели. Како поет, раскажувач, романсиер и драмски писател создаде значаен опус, бележејќи еден од магистралните текови во развојните процеси на македонската литература. Неговите стихозбирки „Дениција“, „Пофалби и поплаки“ и „Вечна куќа“, збирките раскази „Седмиот ден“ и „Неверни години“, и романите „Пиреј“, „Скакулци“ и „Последните селани“ се одликуваат со високи естетски стојности.
Петре М. Андреевски беше член на Друштвото на писателите на Македонија од 1964 година. Во еден мандат беше претседател на ДПМ.