Шеесет поети ќе учествуваат во проектот „Почувствувај ја Македонија“, со што Друштвото на писателите ги обновува некогашните поетски карвани со цел афирмација и доближување на литературното творештво до читателите.
Во рамки на проектот „Почувствувај ја Македонија“ денеска на брегот на Дебарското Езеро ќе настапат Стојан Тарапуза, Виолета Танчева Златева, Ирена Павлова де Одорико и Миле Јовановски Поречанец.
Поетите, од денеска до крајот на годината, ќе настапуваат пред љубителите на пишаниот збор во повеќе градови во Македонија, Дебар, Охрид, Велес, Прилеп, Куманово, Гостивар, Битола, Неготино, Струмица, Виница и Штип.
Средбите ќе се одржуваат на неконвенционален начин, на отворен простор и ќе бидат во функција на запознавање со природните убавини, историските знаменитости и духовните светилишта.