Вие имавте можност да ја почувствувате Македонија и да запознаете дел од она што е нејзина природна убавина, историја, култура и литература. Имавте можност да се сретнете со луѓето од Македонија. Се надеваме дека ќе ја пренесете вистината за Македонија, преку безграничната љубов на вашата поезија. Пренесете ја вистината за Македонија, онака како што вие најнепосредно ја примивте, ја почувствувавте и ја доживеавте.
Ова е пораката на македонските писатели што ја соопшти претседателот на Друштвото на писателите на Македонија Веле Смилевски, при денешното свеченото прогласување на корејскиот поет и годинашен лауреат на Струшките вечери на поезијата Ко Ун за почесен член на ДПМ.
– Со своето учество како лауреат на поетскиот фестивал во Струга, вие трајно го вградивте своето име во летописот на оваа значајна меѓународна поетска манифестација. Вашето творештво презентирано на Струшките вечери на поезијата, сега добива продолжително дејство преку македонскиот јазик и литература, се вели во пораката.
Лауреатот Ко Ун, пак, од своја страна се заблагодри на големата чест што му ја укажале неговите колеги поети од Македонија.
– Откако пристигнав во Македонија повторно сфатив што е тоа светост. Ова, верувам, се должи на тоа што и покрај сите потешкотии кои сте ги искусиле низ годините, сепак сте ја задржале вашата поезија. Ги видов велелепните македонски планини. Бев во чистите македонски езера. Сега сум тука за да се запознаам со моите македонски браќа и сестри писатели, претставници на епското, лирското и интелигентното во Македонија. И благодарам на Македонија за оваа огромна чест која ме допре в срце, рече Ко Ун, кој пред присутните членови на Друштвото на писателите на Македонија рецитираше своја поезија.
Пред аудиториумот се обрати и претседателот на Струшките вечери на поезијата Мице Стефовски кој говореше за творештвото на Ко Ун, укажувајќи на универзалноста на неговата поезија која, вели, одамна ги надминала границите на Кореја и е дел од светското поетско творештво.
На чинот на прогласувањето за почесен член на Друштвото на писателите на Македонија, на поетот Ко Ун му беше предаден зборникот „Македонски писатели“, објавен на македонски и на англиски јазик, како и најновиот број на книжевната ревија „Стожер“, исто така, издание на ДПМ, на чии страници е објавен избор од неговата поезија.