Измината година Домот на културата во Македонски Брод, реализира пет проекти финансиски подржани од Министерството за култура, истакна директорката на таа установа, Милена Стојческа.
-Во рамките на програмата за 2021 година, реализиравме пет проекти со финансиска подршка на Министерството за култура. Следни проекти кои се во таа категорија се преземање ликовни изложби од други центри и домови на култура, како што беше „Меѓународна ликовна колонија од Ниже Поле“, Битола, каде зедоа учество уметници од повеќе земји од странство, 14.издание на традиционалната културно-туристичка манифестација „Велигденски кули“, одбележување на јубилејот „ 40 години игра и песна на КУД „7 Септември“ од Македонски Брод, промоција на книгата „Македонската женска обредно-пејачка традиција“, етнолошки есеи од др.Родна Величкоска и др.Катерина Петровска-Кузманова и збогатување на книжниот фонд во библиотеката „Кочо Рацин“, истакна директорката Стојческа.
Посочи дека со дел од тие средства библиотеката се збогатила со 92 нови наслови на книги.
– Со средствата што ни ги намени Министерството за култура обезбедени се 92 наслови на книги, дел задолжителна лектира, а дел од други жанрови. Нашата библиотека во моментов располага со книжен фонд од 30 470 примероци, рече Стојческа..
Таа потенцира дека покрај петте проекти што се финансиски подржани од Министерството за култура, во Домот на културата се одржани голем број други манифестации од изложби, промоции и концерти. Така во последниот месец од годината беше организирана изложба на дела изработени на седмата „Младинска керамичка работилница Кичево -2021 година“, изложба на фотографии на Тоше Проески, дел на колекцијата на меморијалниот центар во Крушево и многу други.