Дом за љубителите на танцот

Од:

Музејот на танцот во Келн е вистинска адреса за љубителите на тој вид уметничко изразување. Убавината на танцот, како исконска потреба за креативност, лежи во универзалноста која ги надминува политичките, културните и етичките разлики.

Градот на Рајна е еден од ретките кои со гордост може да се пофали дека има Музеј на танцот, основан во 1997 година во рамки на Германскиот архив на танц. Како седиште за информации, документација и истражувања, Германскиот архив на танц е институција од национално значење и дел од глобалната мрежа чија цел е зачувување на знаењето за танцот.

Танцот – добра германска традиција

Заслугите за основоање на Архивот му припаѓаат на учителот и танчер Курт Петерс. По завршувањето на Втората светска војна, тоа момче се вратило од заробеништво во Германија со јасна цел: државата треба да има музеј за танц.

Помалку необично за повоеното време, во кое на пример потребни биле станови за бегалците. Но, Петерс мислел и за клучните факти: ако сакаме повторно да ја изградиме Германија, мора да се вратиме на нејзината добра традиција.

Пред доаѓањето на нацистите на власт, во Германија постоела авангарда, модерен, изразувачки и слободен танц. Петерс сакал да создаде архив на танцот по примерот на тој од 30-тите години во Берлин, кој за жал е уништен во текот на Втората светска војна. Прво го основал стручното списание Архив на танцот.

– Можете да претпоставите што се случило тогаш. Театрите му испраќале реклами и летоци, критичарите биле среќни бидејќи повторно имале стручно списание во кое можат да пишуваат долги текстови, за разлика од дневните весници, а фотографите се радувале бидејќи некој ќе ги купува нивните фотографии. Курт Петерс на многу приредби со танц, јавни расправи и седници на синдикати се залагал за поголеми права на танчерите и танчерките. Луѓето го препознале неговиот труд и му нуделе одредени предмети за архивот. Така настанала приватна збирка на архив во Хамбург. А кога во 60-тите години Келн станал град на танцот, Петерс се одлучил да се пресели во градот на Рајна, вели за Дојче веле Томас Торауш, заменик директор на Германскиот архив за танц.

Визионерите се идеалисти и сонувачи. Петерс едноставно не мислел на иднината и не успеал својот архив да го смести во некој универзитет, градска библиотека или архива. Размислувал дури и за продажба на збирката, но влијателни луѓе во Келн се спротивставиле на тоа, бидејќи знаеле дека таа специфичност мора да ја чуваат за својот град.

Одлучено било банката „Шпаркасе Келн-Бон“ да ја откупи збирката, да ја зачува, прошири и надогради. Така останала до денес. Архивот за танц го финансираат фондации на културата на наведената банка и градот Келн. Петерс секогаш зборувал дека богатството на Архивот не треба да се чува само за себе, туку дека Архивот и Музејот мора да бидат отворени и достапни на сите, со цел да се направи нешто за танцот.

– Затоа ни е мило што ја остваривме неговата визија, истакна Торауш.

Рај за љубителите на танцот

Музејот во Келн е вистински рај за љубителите на танцот. Тој содржи најголема збирка за историјата на танцот во Европа, со повеќе од 400 предмети, писма, слики и скици на уметници, писатели, критичари, кореографи и педагози.

– Освен тоа, имаме и сопствена збирка за танцот, повеќе од 800 костуми и плакати. Во нашата архива има околу 4.000 филмови за танцот, наведува заменик директорот на Германскиот архив за танц.

Архивот и Музејот за танц се отворени за научници и за сите заинтересирани луѓе. Торауш е задоволен од посетата со констатација дека вработените во таа институција активно работат на подобрување на понудите на Музејот и Архивот.

– Организираме музејско-педагошка програма за деца и млади, како и курсеви за танц каде курсистите можат да дознаат за историјата на танцот, да пробаат да танцуваат класичен балет, но и модерен танц како хип-хоп. Често пречекуваме и разни танчери и кореографи, а тие ги претставуваат своите проекти. Значи, постојано се обидуваме да доведеме луѓе во Музејот и да им го покажеме танчерското милје, објаснува тој.

Торауш цитира една јапонска балерина: „Јазикот на танцот е бескраен бидејќи човечките емоции се одразуваат преку движења. Тој допира до луѓето без оглед на нивната класна, национална и верска припадност, без оглед на нивното образование“.

– Танцот е интернационална уметност, па не може со сигурност да се каже кои танци се најчести во Германија. Постојат многу народни танци, а токму убавината на уметноста е во тоа што се темели на фолклорни игри, а воедно е и меѓународна, вели Торауш.

Во Музејот постои и изложба за мода и танц. – Таа вклучува танци од валцер до хип-хоп, се што се игра во Германија. Архивот исто така е фокусиран на уметничкиот танц на сцена, каде настапуваат вистински уметници. Во германските градови како што се Хамбург, Берлин, Дизелдорф, Штутгарт или Минхен постои традиција на класичниот балет, но и на модерниот танц со кој се бават стотици групи во нашата земја, вели Торауш.

Соработка со Институтот Гете

Архивот и Музејот за танц, соработката со Институтот Гете ја темелат на побарувачката за танц на лице место. – На покана на Институтот Гете пред неколку години бев гостин во Каиро бидејќи таму постоеше интерес за современи танци. Тие исто така сакаа да изградат архив на уметноста во арапските земји. Престојував и во Краков каде по 14 пат ја претставивме програмата на танц за филм. Со години развиваме контакти и се трудиме на лице место да ги поддржиме луѓето кои се воодушевени од танцот или архивот, вели Торауш и истакна дека токму благодарение на тие контакти Архивот и Музејот се надоградуваат, а Институтот Гете е одлично место и вистинска адреса за иницијативи од одредени држави.

– Со себе носиме богатство од Германија, така на лице место се развива соработката, заклучува заменик директорот на Германскиот архив за танц.

Дојче Веле – Берлин

Би можело да ве интересира

Скопје ќе пречека стотици танчери в сабота на голем меѓународен танцов напревар

„Импулс“ – претстава на студентите од прва и втора година на Катедрата за современ танц при УГД

Ана Ололовска

Започнуваат со работа програмите од втор циклус студии на Катедрата за современ танц при УГД

Ана Ололовска

Премиерна изведба на „Парадоксот на Диоген“ во МКЦ

Ана Ололовска

Почнува седмото издание на „Битрикс танцова лига“

Скопје танцовиот театар ја отвора сезоната со танцов перформанс и филм

Ана Ололовска