Во Кинотеката на Македонија утре, 6 февруари, ќе биде прикажан документарниот филм „Копнеж по глина“ (1998, 15 мин.) во режија на неодамна починатиот Љупчо Тозија, филм посветен на Ресенската керамичка колонија, на авторите што престојуваат во неа и на уметничките дела што се создаваат во неа.
Љупчо Тозија е роден во 1947 година. По завршувањето на Академијата за театар и филм во Загреб во 1974 г., речиси целиот професионален ангажман го помина во Македонската радио-телевизија, сè до 2005 г., кога е поставен за амбасадор на Македонија во Италија. Беше автор, режисер, уредник, а и директор и главен и одговорен уредник на МТВ од 2002 до 2005 г. Има снимено многу телевизиски емисии, театарски претстави и документарни филмови. Режисерското деби го има во 1973 година во Драмскиот театар – Скопје со претставата „Хамлет од Долно Гаштани“. Почина во Скопје на 9 јануари 2018 година.