Документарен филм за култниот шведски режисер Ингмар Бергман ќе биде прикажан вечер во Кинотека на Македонија.
Во филмот со оригинален наслов „Tresspassing Bergman“, режиран од Џејн Магнусон и Хајнек Палас, светски познати режисери и актери како Вуди Ален, Вес Андерсон, Френсис Форд Копола, Вес Крејвен, Роберт де Ниро, Клер Денис, Лора Дерн, Такеши Китано…, зборуваат за нивните релации со Бергман и неговите филмови.
Проекцијата ќе биде проследена со дискусија со Палас, еден од режисерите на филмот, кој е гостин на Кинотеката.
Шведскиот филмски режисер Ингмар Бергман во 1960-тите избира да се повлече од Стокхолм на остров во Балтичкото Море. За време на неговиот живот, точната локација на куќата била добро чувана тајна. Тука тој ќе живее и ќе сними некои од неговите антологиски филмови, се до смртта во 2007 година.
– Ако кинематографијата беше религија, тогаш ова ќе беше Мека, Ватикан. Ова е центарот на се, вели Алехандро Гонзалез Ињариту додека влегува на имотот на Бергман на далечниот остров Фаро во една студена ноемвриска ноќ во 2011 година.
Проекцијата на филмот и гостувањето на Палас се реализира со поддршка на Шведската амбасада.