Дивата од Кореја Јун Сун На го отвора 33. Скопски џез фестивал

Од:

Со настап на корејско-шведското дуо Јун Сун На, составено од корејската џез-пејачка Јун Сун На и гитаристот Улф Вакениус, утревечер во Универзална сала почнува 33. Скопски џез фестивал.

Фестивалот ќе трае четири дена, еден помалку од лани, и ќе се одржува на четири локации, во „Сити хол центарот“, во Македонска опера и Балет и во киното „Фросина“. Новина годинава е концертот закажан за  последниот фестивалски ден, на 19 октомври во 13 часот, во киното „Фросина“.

Јун Сун На, позната по својата импресивна вокална моќ, секоја песна ја интерпретира во сопствен уникатен стил полн со емоции и страст. Во 2005 година францускиот „Le Мonde“ ја опиша како „вонземјанин кој го допира џез универзумот со величенствен глас и страствена оригиналност“. Со многу награди зад себе, корејската дива е извонреден импровизатор. Нејзиниот репертоар опфаќа не само песни на „Металика“ и Лео Фере, туку и џез-стандарди и лични верзии на француски и корејски песни.

Скопската публика утревечер во Универзална ќе може да ужива и во концертот на квартетот на Тери Лин Керингтон од САД, тапанарка, композиторка и предводничка на неколку бендови, добитничка на наградата „Греми“, а на полнoќ во Сити хол е концертот на саксофонистот Мачеј Обара.

Програмата ја состави долгодишниот директор на Љубљанскиот џез-фестивал Богдан Бенигар од Словенија, а Словенец е и авторот на плакатот и на каталогот Карло Меѓугорац.

Освен мултимедијалната изложба посветена на развојот на џезот и светските џез-легенди отворена во иновативниот центар на „Македонски телеком“, во рамки на годинашното издание на Скопскиот џез фестивал ќе биде организирана уште една придружна програмска активност, џез-работилница за музичари и студенти на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Ќе ја води професор по џез од Њујорк.

Втората фестивалска вечер е најавена како најексклузивна. Гостуваат „Fire!Orkestra“ предводен од познатиот Матс Густавсон, пијанистот Ник Барч и на полноќ триото од Белгија „Данс данс“.

Во сабота настапуваат пијанистот Метју Шип и Елиане Елиас, пијанистка и познат вокал по изведбите на боса нова, додека недела е резервирана за пладневниот концерт на сакасафонистот Нед Ротенберг, една од иконите на њујоршката авагардна сцена, и вокалната импровизаторка и експериментаторка Саинко Намчилак.

Фестивалот ќе заврши со концерт во МОБ на композиторот и мултиинструменталист Вадада Лио Смит, њујоршкиот саунд-дизајнер Hardedge и австралискиот бенд „The Necks“.

Би можело да ве интересира

Фестивал на современа македонска поп музика – ПОП КУЛТУРА, наскоро и винил издание

Костадиновска-Стојчевска објасни: Не финансираме фестивал во Косово, туку наши театри кои ќе учествуваат

А1он

ВМРО-ДПМНЕ: Со народни пари ќе се финансира фестивал во Косово, додека домашните едвај врзуваат крај со крај

А1он

26 полицајци се повредени на еритрејски културен фестивал во Штутгарт

(ВИДЕО) Почна „егзодусот“ од Burning Man, 64.000 луѓе во колоната

Време е за светскиот звук дома: Музиката на светот на 14. издание на фестивалот во Битола