Македонската академија на науките и уметностите ќе биде домаќин на собирот „Денови на Бугарската академија на науките“ на 30 мај, кога предавање ќе одржи претседателот на БАН, академик Стефан Воденичаров „145 години од основањето на Бугарската академија на науките“, а ќе биде отворена и изложба „БАН минато и сегашност“.
Собирот во Скопје следува по заедничкото одбележување на Македонската и на Бугарската академија на Денот на сесловенските просветители
Академик Блаже Ристовски вели дека односите МАНУ и БАН не почнуваат со овие два настана, но оти сега има поактивна, организирана соработка меѓу двете академии, со повеќе проекти и тоа, како што оцени, доста фундаментални.
– Мислам дека тоа е добро, тоа ќе трае подолго време. Ние оваа година ги почнуваме подготовките за реалната реализација на тие проекти. Мислам дека тоа е најнормалното што можеме да го направиме ние како академии, бидејќи и нашите држави како соседи, историски и културно блиски, нормално е да соработуваат, уште повеќе во областа на науката, изјави Ристовски пред денешниот собир во МАНУ „Македонската колонија во Петроград и односот кон Балканските војни и Првата светска војна“.
Во науката, како што рече, работите се гледаат со двете очи, има разни толкувања, меѓутоа, сепак, може да се дојде до некаква согласност кога заеднички ќе се разгледуваат проблемите.
– Добро е што ќе имаме можности некои клучни проблеми што ги влошуваат односите меѓу двете држави, да ги разгледаме на научно ниво и да можеме да се разбереме како научни работници. Тоа ќе придонесе и за подобрување на односите помеѓу нашите држави и нашите народи, изјави Ристовски.
Тој не очекува дека дека од бугарска страна би можело да има злоупотреба на соработката, со евентуално проблематизирање на македонскиот идентитет.
– Мислам дека тоа не е проблем за претстојната средба. Тоа не е и не треба да биде предмет. Тоа би било инцидент кој не придонесува за соработка. Не е тајна дека по некои прашања имаме различни мислења, но во науката различните мислења не се недостаток. Ние можеме да се разбереме по она што имаме мислење, а по она за што имаме различни, може и секој да си остане на своето, со тоа што ќе ги разјасниме врз основа на научна аргументација и на факти. Меѓусебното разбирање може да биде и во овој поглед продуктивно, рече Ристовски.
Поранешниот дипломат, амбасадорот Ристо Никовски, смета дека интензивираната соработка меѓу двете академии е позитивен исчекор, но сепак, вели, македонската страна треба да биде внимателна.
– Факт е дека има многу заеднички работи во историјата и дека дел од нив треба што поскоро да почнеме заеднички да ги славиме. Меѓутоа, тука има и проблеми, бидејќи основата е што Бугарија не ја признава македонската нација, не го прифаќа македонскиот јазик. Неспорно е дека се прават напори преку вакви чествувања да „покажат и докажат“ дека сме ние Бугари. Мораме да бидеме внимателни и можеби е најдобро што започна со браќата Кирил и Методиј, кои се неспорно, не само наше и бугарско, туку цивилизациско наследство. Тие чествувањада не треба да бидат само бугарско-македонски, биејќи Кирил и Методиј се словенски и би било добро МАНУ да го прошири следната година составот и тука да бидат и Словаците, и Чесите, и Русите, сите словенски народи. На тој начин ќе им се даде вистинско место на браќата Кирил и Методиј, вели Никовски.
Според него, би било добро да има заедничко чествување и на Св. Кирил во Рим.
– Ако веќе чествуваме заедно, зошто да не бидеме таму заедно. Основата е да се прошири тој состав, да бидат што повеќе земји од словенското наследство и да му дадеме вистински печат и на Кирил и на Методиј, изјави Ристо Никовски.