Ден на независната продукција со претстави по текст од македонски автор на МТФ „Војдан Чернодрински“

Од:

Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ што од 9 до 16 јуни се одржува во Прилеп ја исполнува најавата дека има богата целодневна програма. По двете претстави во официјалната конкуренција, првата на велешкиот театар „Нема струја за електричниот стол“, а втората синоќа на прилепскиот народен театар „Мистерија Буфо“, денеска Фестивалот нуди три претстави од независната сцена, една дипломска претстава, промоција на книга и разговори на тркалезната маса.

Во 11 часот ќе биде проморана книгата „Две интерактивни драми“ од Милорад Павиќ, во превод на Марио Стојаноски. За книгата ќе зборуваат драматургот Лидија Митоска-Ѓорѓиевска, актерот Томислав Давидовски и преведувачот Марио Стојаноски. Еден час подоцна ќе продолжат разговорите на тркалезната маса, денеска со екипата на претставата „Мистерија Буфо“ на Театарот „Војдан Чернодрински“ од Прилеп, која синоќа доби стоечки аплаузи од публиката.

Во 17 часот ќе гостува „Под.готвено“ во режија на Дејан Спасовиќ, а во продукција на „РКЦ РАКАТРАК“. Во претставата играат Слаѓана Вујошевиќ, Биљана Драгичевиќ-Пројковска и Нина Елсезер. Претставата е работна според текстови на: Едвард Олби, Ѓоко Здравески и Елизабета Баковска. За сценографијата се погрижи Мартин Манев. Костимите се на Емилија Ивановска Атанасовска.

Во 19 часот на сцената на Центарот за култура „Марко Цепенков“ ќе гостува Мировна акција со претставата „Заминувања“, колективно авторство во режија на Драгана Гунин. Четири актерки, два јазика, иста болка е можеби наједноставното објаснување за оваа претстава. Сместена во еден меѓупростор меѓу минатото и сегашноста, „распната“ меѓу личното и туѓото, претставата комуницира со публиката на неколку нивоа. Улогите ги толкуваат: Емилија Мицевска, Мелика Кастрати, Симона Димковска, Афродита Џафери.

Во 20 часот ќе гостува „Театар за сите“ со претставата „Скопјани“ во режија на Милош Б. Андоновски во ресторанот „Македонска куќа“. Станува збор за колективно авторство и драматизација на раскази од збирката „Улиците што ги нема“ на Оливера Ќорвезироска. Улогите ги играат: Ангела Стојановска, Филип Христовски, Нина Елзесер, Виктор Велевски, Јанка Лефкова, Христијан Поп-Симонов, Ангела Стојановска. Претставата е резултат на истражувачки и експериментален процес во кој актерската екипа, разработувајќи ги расказите на Оливера Ќорвезироска, споделува и лични приказни, доживувања и искуства од градот Скопје; ги преиспитува и ги бара одликите на денешните скопјани и духот на денешно Скопје.

Еден час подоцна, во 21 часот, во театарот ќе биде изведена дипломска претстава на студентите од Факултетот за драмски уметности од Скопје со претставата „Сакатиот од Инишман“ од Мартин Мекдона. Во претставата игра класата на проф. м-р Мими Таневска-Србиновска и асс. м-р Ангелчо Илиевски.

На вториот фестивалски ден беше отворена првата тркалезна маса на која учествуваа актерите Васил Зафирчев, Исидор Јованоски, драматургот Сашо Димоски и композиторот Сашко Костов, кои се дел од тимот на претставата „Нема струја за електричниот стол“. Плодна дискусија и интересни прашања произлегоа од присутните, од членовите на жирито на фестивалот, од режисери, новинари, критичари. Модератор на дискусијата беше Јована Ѓорѓиовска од Гледај.мк.

За учесниците на тркалезната маса оваа дуодрама е суров судир со стварноста.

-Многу помага што се слушавме и се разбиравме. Тоа ни дава и да се радуваме на играта и влијае на креацијата во претставата. А тоа е најбитно, зашто ако не уживаш, ако не се радуваш и ако не креираш како актер, тогаш нема да се унапредиш себеси, рече Исидор Јованоски, актер во претставата.

Актерот Васил Зафирчев посочи дека дуодрамата е како да игра еден актер, особено во овој тип на драматургија која се занимава со лицето и наличјето на иста паричка.

-Практично е еден ист човек, зашто станува збор за две спротивставени страни на секој од нас. Ние во животот многу лесно осудуваме осуденик или жртва, и многу лесно пресудуваме. Претставата буди интроперспективен процес и секој гледач се бара себеси. Театарот е за да отвори прашања, а не да нуди одговори, рече Зафирчев.

Композиторот и изведувач на музиката во живо во претставата, Сашко Костов, смета дека тоа го означува третиот актер во претставата.

-Создавањето музика во живо е многу добра работа за претставата. Особено што и актерот во секоја избедба има различен ритам на работа, па музиката го следи тоа. Тоа мене ме правеше буден во целата претстава, и навистина е голем напор, рече Костов. На разговорите на тркалезната маса стигнаа коментари со пофалби за изведените сегменти во претставата на сите чинители.

Во фоајето на Центарот за култура во Прилеп синоќа беше отворена изложба на костимографот Благој Мицевски кој одбележа три децении од учеството на Фестивалот, каде има освоено дури 14 награди од 15 претстави.

Гостин на фестивалот на вториот ден беше и јапонскиот амбасадор во земјава, Оцука Казуја, кој ја погледнаа изложбата на стари фестивалски фотографии и се дружеше со скомрахите и живите статуи, кои се дел од театарската атмосфера на фестивалот „Војдан Чернодрински“. 

Би можело да ве интересира

Награди за животно дело на МТФ „Војдан Чернодрински“: Театарот е вечна промена

Почнува 58. МТФ „Војдан Чернодрински“

Пет награди за Драмски театар на фестивалот „Војдан Чернодрински“

Ана Ололовска

„My name is Medeja“, „Несфатената цивилизација“ и „Елегија во пет здива“ вечерва на фестивалот во Прилеп

Ана Ололовска

МТФ „Војдан Чернодрински“ со разговори на тркалезната маса и две нови претстави во официјалната програма

Ана Ололовска

„Црнила ремикс“ гостува на Могилата на непобедените во Прилеп, во чест на Коле Чашуле – авторот во фокус на МТФ „Војдан Чернодрински“

Ана Ололовска