Деби на Благој Нацоски во Миланска Скала

Од:

Македонскиот тенор и амбасадор на културата на РМ во Италија во мај годинава ќе дебитира во најпознатата оперска куќа во светот. Нацоски за прв пат ќе ја толкува улогата Понг во претставата Турандот од Џакомо Пучини, а инаку за него ова е втора улога од овој композитор по улогата Горо која ја толкуваше во Мадам Батерфлај на почеток од кариерата.

Кастот го сочинуваат Нина Стеме од Шведска (Турандот), Александарс Антоненко од Летонија (Калаф), Марија Агреста од Италија (Лиу), Александер Цимбаљук од Украина (Тимур), Анџело Веча од Италија (Пинг) и Роберто Ковата од Италија (Панг). Ќе диригира славниот Рикардо Шаји од Италија, а режијата е доделена на Германецот Николаус Ленхоф.

Премиерата на Турандот е закажана за 1. мај, а ќе се прикажат уште седум репризи до 23-ти истиот месец. Премиерата ќе претставува и отворање на најголемиот светски настан за 2015 во светот, „ЕХРО Милано 2015“.

2015-та Благој Нацоски ќе ја започне претежно во италијанските оперски куќи. Наскоро ќе замине за Модена, каде ќе дебитира во Театарот „Лучано Павароти”, и тоа во нова (деветта) продукција на операта Дон Џовани. Со истата претстава ќе настапи и во Театарот Џиљо во Лука, а потоа ќе биде и Гроф Алмавива во Севилскиот Бербер во Театарот Политеама во Лече.

„Оваа година ќе се реализира еден од моите детски соништа, а тоа е да настапам во најпрестижната оперска куќа на светот, односно Миланската Скала. Не можам да ја сокријам возбудата за сето тоа кога ми се јави менаџерот и кога ме извести дека сакале да ме ангажираат и тоа без аудиција. Турандот е единствената опера на Пучини која не ја довршил со компонирање поради неговата смрт.

– Тој оставил инструкции, а работата ја довршил композиторот Франко Алфано, чие финале „Алфано“ е најизведувано во светот. Постои уште верзија, малку поретка, од композиторот Лучано Берио, а ние ќе го изведеме тоа финале, односно тоа се само последните неколку сцени. Добро е што имав слободно време да се одморам за новогодишните празници и да соберам енергија за тоа што ми претстои, бидејќи избројав дека во 2014-та година сум остварил 70 лета со авион“, изјави Нацоски.

По Дон Џовани на Мајски Оперски Вечери и концертот „Италијанско-македонска вечер“ во Џенова во јули, во втората половина на август Нацоски успешно дебитира во Националната Опера во Прага во оперите Дон Џовани и Така прават сите од Моцарт. Во септември замина за Бангкок, Тајланд заедно со Македонската Опера и балет, а потоа следуваа настапите во Пиза, Трст каде настапи во улогата на Александар Македонски, Токио, Острава и Монтевидео.

 

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: Италијанското оперско пеење доби статус на културно наследство на УНЕСКО

Предраг Петровиќ

Оперската претстава „Турандот“ од Џакомо Пучини во Национална опера и балет

Предраг Петровиќ

Успешен настап на Националната опера и балет во Народниот театар во Белград со „Севилскиот берберин“

Ана Ололовска

Традиционален Гала оперски концерт по повод празникот „Василица“ 2023

Ана Ололовска

„Палјачи“ од Руџеро Леонкавало во Национална опера и балет

Во Националната опера и балет ќе се изведе операта „Кавалерија рустикана“ од Пјетро Маскањи

Горан Наумовски