„Цртани жени“ е насловена новата книга поезија од Братислав Ташковски во издание на „Панили“. Според книжевниот критичар Иван Џепаровски, во ова свое дело со сигнификантен наслов, авторот ја продолжува потрагата по хармонијата и убавината и се одликува со специфични сликовни претстави во кои нацртаните и опеаните жени се ослободени од се што им натежнува.
– Тоа се поетско-имажинистички репрезентации во кои убавината на нацртаните жени е оставена самата со себеси и со своите, но и наши „ангели“ и „демони“, та така жената и жените во песните на Братислав Ташковски стануваат суштества што нè привлекуваат со својата стамена и осамена убавина. Осаменоста на убавината на нацртаните жени, слично на постмодерната „осаменост на простите броеви“ од романот на Паоло Џордано, симболски како да соодветствува на осамувањето на убавината во нашево време во кое одамна веќе спасот не е во убавината, пишува Џепаровски во поговорот насловен „Убавина и поезија“.
Затоа, додава тој, нарисаните жени во најновата стихозбирка на Ташковски како да нè потсетуваат, во духот на мислата на Достоевски – „убавината ќе го спаси светот“ – дека убавината треба да се ослободи, а таа најдобро ќе се ослободи кога никој нема со неа да владее.
Братислав Ташковски (Скопје, 1960) е автор на дваесетина книги поезија и е застапен во антологиски избори и во избори на англиски, албански, бугарски јазик. Автор е на драмите „Гола земја“, „Ноќ спроти Свети Никола“, „Беше еднаш“ и „Проектот Шишков“, романите „Ако даде Господ“, „Кафез од гревови“, „Расцепен ум“ и „Актерот“, како и на книгата есеи „Линија на усвитеност“.
Добитник е на наградите „Студентски збор“, „Млад борец“, „Браќа Миладиновци“, „Рациново признание“, „Ацо Шопов“ и на државната награда за најдобра книга од областа на публицистиката. Покренувач и главен уредник е на списанието за книжевност и култура АКТ.