Вчеравечер општина Карпош по шести пат беше домаќин на свеченото отворање на Меѓународниот студентски фолклорен фестивал (МСФФ) кој поседува 35-годишна традиција, а подмладокот на АКУД „Мирче Ацев“, на отворањето се претставија со безвременските македонски ора.
Платото во ТЦ „Карпош3“ (ТЦ „Лептокарија“) беше претесно да ги собере љубителите на фолклорот и на традиционалните песни и ора, а присутните со силни овации ги поздравуваа сите учесници кои неуморно ја презентираа својата култура. На овогодинешниот фестивал учествуваа четири странски фолклорни ансамбли од Турција, Унгарија, Северен Кипар и Хрватска и две домашни фолклорни групи а тоа се домаќините АКУД „Мирче Ацев“ и КУД „Шехер“.
Меѓу останатите покровители, Општина Карпош и овој пат, како и секоја година е поддржувач на културните манифестации.
Фестивалот за отворен го најави претседателот на Комисијата за култура при Советот на Општина Карпош, Горан Михајлов, кој ги поздрави и им се заблагодари на сите присутни а пред сè на организаторите кои оваа вечер а и наредните ќе им овозможи на граѓаните да уживаат во звуците на фолклорната музика и глетката во талентираните студенти и нивните ора.
– Првото оро и настапот на најмладите, чувари на традицијата, вредеше за сите напори и одвоени финансиски средства на организаторот на оваа манифестација и на сите оние што се вклучени во овој голем настан. Задоволството да се гледаат толку многу талентирани луѓе е огромно, затоа што Општина Карпош е дел од покровителите на овој фестивал. Можам да ветам дека Општина Карпош секогаш ќе биде поддршка за младите од областа на културата и образованието – рече Михајлов.
Во текот на наредните денови, фолклорната еуфорија продолжува. Таа ќе се одржува на уште три локации, вечерва во Дом на АРМ, утревечер местото на уживање ќе биде повторно во ТЦ „Карпош 3“, а затворањето кое ќе биде на седми јули ќе се одржи на платото во општина Ѓорче Петров.