„Цело Скопје – кино“ или „Секое платно – кино“ е слоганот на годинашново 19. издание на Фестивалот на европски филм „Синедејс“ (CINEDAYS), кој ќе се одржи од 18 до 24 септември.
Филмовите ќе се прикажуваат на отворено, на три главни локации и неколку алтернативни кина, со почитување на протоколите за заштита од Ковид-19. „Синедејс“ ќе го отвори филмот „Стела“ во режија на Стојан Вујичиќ.
– Оваа година „Синедејс“ наместо традиционално во ноември ќе се одржи во летен период. Во овој период, МКЦ успеа да реализира 113 настани. По толку работа и толку вложен труд во овие три месеци, не сакавме да ризикуваме да го оставиме фестивалот за ноември. За помалку од месец дена успеавме да ги реализираме сите сегменти за да дојдеме до денес. Го направивме дури и каталогот. Не сакавме онлајн варијанта за прикажување на филмови. Се одлучивме фестивалот да се одвива на отворено, со физичко присуство. Филмовите ќе бидат прикажувани на три главни локации и тоа паркот кај МКЦ, Градскиот парк и новиот парк кај Ибни Пајко. Ќе има и алтернативни кина. Ќе бидат прикажани 40 филмови. На секое платно кино. Цело Скопје кино. Да го направиме Скопје кино платно и да уживаме таа недела во филмот, вели директорот на МКЦ Русе Арсов.