Денес сме поплавени со забавна музика – брз лек за засенување на секојдневните грижи. Наспроти козметичкиот карактер на овие звуци, натежнати од теретот на комерцијалност, стои наследството на операта, вели композиторот Љубомир Бранѓолица, автор на македонската порака за годинашното одбележување на Меѓународниот ден на операта – 25 Октомври.
– Да не заборавиме дека е значајна; културниот момент на овој медиум кој нè воздига и нè упатува на традицијата на звукот и содржината, е всушност наследство кое ни е насушна потреба. Генијални композитори од различни стилски и историски епохи ги истуриле врз светот своите музичко-драмски дела за сите генерации да ги жнеат, наведува Бранѓолица, избран од бордот на Македонскиот центар на Интернационалниот театарски институт (ИТИ) за националната порака за годинава.
Македонскиот центар на ИТИ наведува дека операта е плод на вечниот предизвик да се соединат во хармоничен брак музиката и драмата, инспирација на најголемите композитори на сите времиња, да ги спојат највозвишените уметнички изрази во еден комплексен ентитет и пред вечната публика, преку чудесниот јазик на музиката и моќта на зборот.
– Изведбените уметности се соочуваат со повеќе, досега невидени, предизвици; театрите се затворени, аудиториумите празни, а сцените тивки. Во време кога вообичаено оперските куќи и публиката возбудено го исчекуваат отворањето на новата сезона, ние ја имаме само оваа порака. Но, делата на уметноста носат вистина, а нејзината вредност е света и колку и да ја криеме од очите на светот, и на најмалата светлина што и е упатена, таа дава огромен одблесок; нејзините дарови се неприкосновени и вечни, а ние без нив, вечно жедни – посочува Македонскиот центар на ИТИ во пресрет на Меѓународниот ден на Операта.