Борис Трајанов одликуван со титулата „Национален уметник|“

Од:

Оперскиот пејач Борис Трајанов денеска ја прими титулата „Национален уметник на Република Македонија“, која му ја врачи  претседателот Ѓорге Иванов.

– Борис Трајанов со својот глас на најпрестижните светски оперски сцени ја претставува Република Македонија во најдобро светло и посведочува за нашата култура, уметност и духовност. Со овој чин ја искажуваме нашата посветеност кон уметноста и трајните културни уметности. Културата и уметноста се стожерот на секоја нација и оттука треба постојано да ги унапредуваме условите за нивен развој, истакна при врачувањето на титулата претседателот Иванов.

Тој потсети дека Трајанов, покрај богатата музичка кариера, беше и иницијатор на акцијата „Денот на дрвото истакнувајќи притоа дека со својот личен пример го мотивирал целото македонско општество.

– Со своите иницијативи и проактивност Трајанов покажа дека уметниците со своите идеи и креативност  можат себеси и својата енергија да ја вложат за доброто на сите. Музиката е можеби доволна за цел живот, но еден цел човечки живот не е доволен за музиката. Таа се пренесува од генерација на генерација. Како посветен педагог на Музичката академија на универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип тој веќе се грижи на Македонија да и остави достојни наследници. Сето она што досега го има направено маестро Борис Трајанов му ја донесе и најпрестижната државна награда од културата – титулата Национален уметник на Република Македонија, истакна Иванов.

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска рече дека со доделувањето на ова највисоко признание од областа на културата во нашата земја се вреднува влогот на уште еден македонски уметник кој, како што рече, даде исклучителен придонес во афирмацијата на Република Македонија и нејзината музичка култура во светот.

– Денеска ја доделуваме четвртата по ред титула Национален уметник на маестро Борис Трајанов кој со своите бројни изведби и креации, својот талент и умешност создаде вредности кои се наш печат за идентификација во светот. Оваа титула е признание за ангажманот во промоцијата на културата на Република Македонија која несомнено е земја на врвни уметници кои со своето дело го слават името на сопствената држава низ сите светски културни метрополи, истакна министерката за култура.

Титулата Национален уметник, додаде таа, е наша недвосмислена заложба да им оддадеме почит на уметниците кои го вложуваат целото свое професионално делување во надградувањето на уметничкиот идентитет на Република Македонија.

Борис Трајанов е роден во Љубљана во 1959 година. Соработува со најголемите диригенти и оперски имиња, има толкувано 40 водечки баритонски улоги, 900 настапи од кои 700 оперски претстави и гостувања во речиси сите еминентни оперски сцени како Римската опера, Ла Фениче во Венеција, во Операта во Грац, во Монте Карло, Пацифик операта во САД, Кејптаун во Јужна Африка, Сеулскиот изведувачки центар во Јужна Кореја… Тој е добитник и на повеќе други признанија кои, како што истакна Канческа-Милевска, го потврдуваат како уметник со светско реноме, но и како голем хуманист и поборник за здрава иднина. Добитник е на наградата Уметник на мирот на УНЕСКО и  наградата „11 Октомври“ за животно дело.

– Кога ја добив наградата на УНЕСКО за мир во Париз 2005 година во мојот говор посочив дека наградата му ја посветувам на мојот народ, односно на сите граѓани на Република Македонија. Сега тој народ, граѓаните на Република Македонија мене ми ја вратија таа награда и ми ја доделија титулата Национален уметник. Тоа за мене е голема чест, рече Трајанов.

Истакна дека наградата на УНЕСКО е престижна меѓународна награда, но оти титулата Национален уметник на Република Македонија е повредна за него оти, како што рече, му ја доделува сопствениот народ, луѓето на кои им припаѓа.

Добитникот на титулата Национален уметник на Република Македонија додаде дека сето она што тој го направил во својот живот во музичката кариера, вклучувајќи го и ангажманот во акцијата „Денот на дрвото“, го направил како обид да возврати за талентот кој му бил даден и да и возврати на својата татковина.

На доделувањето на титулата присуствуваа голем број личности од политичкиот и општествениот живот, како и неговата професорка 91-годишната Бисерка Цвејиќ во чија класа магистрирал на Факултетот за музичка уметност во Белград.

Трајанов е четврт носител на титулата Национален уметник, која ја имаат и пијанистот Симон Трпчески, режисерот Милчо Манчевски и естрадниот уметник Есма Реџепова. Наградата е доживотен паричен надомест од 60 илјади денари месечно.

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: Италијанското оперско пеење доби статус на културно наследство на УНЕСКО

Предраг Петровиќ

Оперската претстава „Турандот“ од Џакомо Пучини во Национална опера и балет

Предраг Петровиќ

Успешен настап на Националната опера и балет во Народниот театар во Белград со „Севилскиот берберин“

Ана Ололовска

Традиционален Гала оперски концерт по повод празникот „Василица“ 2023

Ана Ололовска

„Палјачи“ од Руџеро Леонкавало во Национална опера и балет

Во Националната опера и балет ќе се изведе операта „Кавалерија рустикана“ од Пјетро Маскањи

Горан Наумовски