Богата и разновидна програма со изведби на класична музика, џез се до фолклорни звуци во изведба на еминентни домашни уметници и гости од странство ќе понудат 17. Есенски музички свечености што од 2 до 30 ноември ќе се одржат во организација на Дирекцијата за култура и уметност на Скопје.
Како што информираа организаторите на денешната прес-конференција, манифестацијата ќе биде отворена на 2 ноември со Гала оперски концерт во Македонската опера и балет посветен на јубилејот 50 години уметничка дејност на маестро Томислав Шопов. Шопов диригирал преку 1.000 оперски и балетски претстави, симфониски и гала оперски концерти во и надвор од земјата и се смета дека има огромен придонес во афирмацијата на аматерските, пред се хорски ансамбли. На Гала концертот покрај солистите, оркестарот и хорот при МОБ ќе настапат и академскиот хор „Мирче Ацев“, Камерниот хор „Франце Прешерн“ и камерниот хор „Моис Хасон“ при ЕЗРМ-Скопје.
Меѓународно реномираната Карсу Донмез, вокалиста и пијаниста од Холандија со турско потекло ќе настапи на 4 ноември во Домот на АРМ. Донмез се смета за една од 10-те највлијателни турски имиња во последните 50 години. Нејзината музика го отсликува нејзиното мултикултурно потекло и е мешавина од различни жанрови – џез, фанк, блуз и реге. Настапувала на некои од најзначајните музички сцени во светот, а оваа година е добитник на една од најпрестижните музички награди Едисон џез/свет во Холандија. Донмаз, чиј настап во Скопје е овозможен од Турскиот културен центар „Јунус Емре“, ќе одржи концерт и во Битола.
Џез триото на Артур Дуткиевич од Полска концерт ќе одржи на 12 ноември во Домот на АРМ. Се смета за едно од водечките џез групи во Полска, а Артур Дуткиевич за еден од најголемите полски џез пијанисти и композитори. Триото исполнува модерен џез и има богата концертна активност низ Европа, во САД, Азија, до Австралија и Нов Зелан. Настапувале на бројни џез и музички фестивали, а концертот во Скопје е овозможен во соработка со Амбасадата на Полска во Македонија.
На 14 ноември ќе се одржи концерт по повод 135 години од раѓањето на унгарскиот композитор Бела Барток на кој негови дела ќе бидат изведени од македонски пијанисти. Според заменик амбасадорот на Унгарија Ѓулаз Сомоди, настапот е поддржан од Амбасадата на Унгарија, која во чест на годишнината на Барток ќе приреди и изложба за Барток, а ќе додели и ЦД-а и партитури со негови композии на релевантни институции.
Инаку, на програмата на Есенските музички свечености МОБ е застапена и со уште неколку концерти и изведи кои ќе одбележат значајни јубилеи. На 22 ноември ќе се одржи концерт во чест на Георги Божиков (1931 – 1986) по повод 30 години од смртта на овој истакнат солист првенец на Македонската опера. Концертот е дел од програмата на Собранието на РМ за одбележување на значајни настани и личности, а ќе биде придружен со изложба за Божиков и промоција на монографија насловена „Жоро“ од Снежана Анастасова Чадиковска.
Публиката ќе има можност да ја проследи и светската премиера на балетската претстава „Клеопатра“ со која примабалерината на Македонскиот балет Александра Мијалкова ќе означи 25 години уметничка дејност. Претставата се најавува како спектакл, а ќе настапат и солисти и ансамблот при Балетот како и оркестарот на МОБ.
Во рамки на „Есенски музички свечености“ во чест на бардовите на македонската изворна песна – Васка Илиева, Никола Бадев и Александар Сариевски и Кочо Петровски ансамблот за народни игри и песни „Танец“ ќе одржи концерт на 11 ноември во Македонскиот народен театар. Пред публиката ќе биде презентирана и книга од Роска Бадева посветена на овие легенди на македонската песна.
Есенските музички свечности ќе бидат затворени на 30 ноември со концертот насловен „Мојот музички пат“ посветен на 30-годишнината од уметничката дејност на флејтистот Страшо Темков.
Програмата за 17. Есенски музички свечености е поддржана од Градот Скопје и Министерството за култура. Сите настапи се со почеток во 20 часот.