Балканска конференција на директори на фотографија на „Браќа Манаки“

Од:

Македонското здружение на кинематографери денес на ИФФК „Браќа Манаки“ во соработка со ИМАГО- федерација на 47 здруженија што ги застапуваат професионалните кинематографери, ја одржа втората Конференција на директори на фотографија од државите на Балканот.

Учесниците на конференцијата ги презентираа актуелните состојби со филмската индустрија во матичните држави, нормативите и поволностите за снимање, степенот на соработка меѓу националните институции од сферата на филмот, финансирањето проекти, како и домашната и меѓународната поддршка на филмската продукција.

Претседателот на ИМАГО Најџел Волтерс посочи дека државите од Балканот треба да ги изедначат позициите во однос на даночните олеснувања бидејќи секоја држава има различни даночни услови за помагање на филмската индустрија.

– Овие разлики предизвикуваат разместување и бегање на филмаџиите од една во друга држава поради поевтините услуги на студијата. Ако сите држави од Балканот имаат заедничка цел, тогаш треба да се усогласат во однос на понудата, истакна Волтерс.

Учесниците на втората балканска конференција на директори на фотографија беа запознати дека Република Македонија со новата законска регулатива овозможи стимулирање на проектите од филмската индустрија, зголемени се средствата во Филмскиот фонд, а промовирани се нови проекти посебно важни за децата.
Директорот на Филмскиот фонд на Македонија Дарко Башески ги повика колегите од Балканот да изградат платформа за развивање соработка во филмската индустрија.

– Кај нас даноците се пониски, продуцентите плаќаат ниска такса за филмска продукција, а Владата дополнително ја стимулира оваа продукција. Очекуваме следната година да имаме зголемена филмска продукција затоа што во Филмскиот фонд годинава имаме 3,6 милиони евра а догодина сигурно таа сума ќе се зголеми. Ќе продолжиме со нашиот начин на развој бидејќи во продукцијата и копрудукцијата тоа е на високо ниво. За жал, имаме голема празнина во дистрибуцијата на филмовите во киносалите и затоа годинава ќе купиме 21 кинопроектор за исто толку киносали и градови во Македонија. Следниот месец почнуваме со манифестацијата филмски фестивал за деца и ќе посетиме повеќе градови за децата да дојдат во кино бидејќи филмови гледаат само дома пред телевизор. Повикувам соседните држави да се вклучат во оваа наша идеја и да реализираме, на пример Недела на бугарскиот филм, Недела на грчкиот филм итн., а се во интерес на публиката, посочи Башески.

За состојбите со филмската индустрија во Грција на конференцијата во Битола говореа Јанис Даскалотанасис и Електра Венаки. Даскалотанасис рече дека во нивната држава исчезнал некогашниот синџир од 300 киносали, а во некои градови нема ниту една киносала, додека Венаки се заложи за изнаоѓање модел за подобра соработка во фимлската индустрија на државите од Балканот.

– Главен проблем на Балканот е тоа што не може така лесно да се дојде до филмовите и тие треба да се гледаат на фестивали, но не и во домашните киносали. Тоа е така затоа што има лоша дистрибуција меѓу државите и треба да се дискутира зошто ние како балкански земји не правиме филмски копродукции. Можеби проблемот меѓу нас е јазичната бариера, но уште поважен проблем е тоа што меѓу нас немаме професионална мрежа и затоа не се познаваме доволно. Потребен е поголем проток на информации, треба да најдеме подобар модел за размена на балканските филмови и затоа предлагам да избереме модел со кој ќе овозможиме народите на Балканот бесплатно да може да ги добиваат и следат сите филмови или обезбедување извесна претплата за преземање филмови од интернет-библиотеки, истакна гостинката од Грција.

Во Бугарија филмската индустрија е раководена од национален филмски центар во рамките на Министерството за култура, а со самото тоа единствениот извор за снимање филмови доаѓа од државниот буџет, нагласи Гергана Даковска, претставник на бугарскиот Национален филмски центар.

– Ние се обидуваме буџетот да го зголемиме преку продажба на билети и реклами, но тоа тешко оди. Забележав дека Хрватска и Македонија внесоа даночни олеснувања за филмската индустрија и тоа е добро, но кај нас единствен извор и понатаму е државниот буџет. Во поранешниот систем имавме околу 170 кино екрани но не и толку киносали, имаше кино и во некои села, но сега тоа го нема, рече меѓудругото Даковска.

На конференцијата се обрати и Руксана Цернат, претседателка на „Артвива“-Букурешт, која предочи дека кинематограферите во Романија се во ситуација да мора постојано да работаат бидејќи ако мируваат само една година, тогаш се сметаат за застарени и не ќе можат да се вратат на јавната сцена.

– Финансирањето на различни проекти од филмската продукција се врши врз принципот на бодување и притоа посебно се цени уметничката вредност, претходна работа и филмски успех, како и други детали. Во нашата држава наскоро интересни ќе станат развојните фондови за програмски медиуми, а ќе има и нова линија за финансирање која ќе овозможува обуки и мрежи на работилници за соработка со една или повеќе земји, посочи претседателката на „Артвива“ од Букурешт.

ИМАГО и се заблагодари на Лабина Митевска, директорка на ИФФК „Браќа Манаки“, за поддршката на конференцијата во Битола која, како што беше речено, се одржува за доброто на кинематограферите и филмаџиите од целиот регион.

Би можело да ве интересира

140 години од раѓањето на Милтон Манаки: Изложба во рамки на фестивалот нем и класичен филм

Осврт кон 43. ИФФК „Браќа Манаки“: Кинематограферска елита во Битола и одлична филмска програма

Горан Наумовски

„Извидник“ на Алекс Цветков утре го затвора „Браќа Манаки“

Наум Локоски

Оддадена почит на гробот на Милтон Манаки

Наум Локоски

Отворен фестивалот „Браќа Манаки“, Клаудија Кардинале продефилира на црвениот тепих

Наум Локоски

Клаудија Кардинале пристигна во Битола

Наум Локоски