Авангардниот Кин и виртуозот Коен вечер на Скопскиот џез фестивал

Од:

По синоќешното отворање со концертите на американскиот гитарист Џејмс Блад Алмер и меѓународно реномираниот тромбонист од Италија Џанлука Петрела, Скопскиот џез фестивал вечер во МОБ продолжува со настапи на германскиот пијанист Јоаким Кин, еден од најзначајните претставници на џез-авангардата, и триото на Авишаи Коен од Израел, кој е меѓу најголемите светски виртуози на контрабас.

Во полноќниот термин, пак, во „Сити хол“, гостува џез-секстетот „Melt Yourself Down“, во кој членуваат неколкумина најиновативни музичари на џез, рок и ворлд-мјузик сцената во Велика Британија.

Коен  се наметна на џез-сцената како дел од секстетот „Origin“ на Чик Кореа, од 1996 до 2003 година. Беше значаен дел од њујоршката сцена каде соработуваше со Рави Колтрејн, Џошуа Редман, Даниел Перез,… Во неговата, како што ја нарекуваат, молскавична кариера издаде 15 албуми, здобивајќи популарност што ги надминува вообичаените рамки на џезот.

Музичар-космополит со страст, сензибилитет, виртуозна техника, имагинација и совршено чувство за динамика, вака познавачите го квалификуваат Кин. Неговата интерпретација и пркоси на секоја категоризација што му обезбедува место меѓу светската музичка елита.

Утре на програмата е концертот на американскиот композитор и пијанист Крег Тејборн, кој нуди нова перспектива во создавањето џез-музика и кому лани Асоцијацијата на џез-новинари му ја додели наградата за најдобар пијанист, а по него ќе гостува и неговиот сонародник – џез-пејачот и композитор Грегори Портер, чиј албум „Liquid Spirit“ имаше голем комерцијален успех и освои награда „Греми“ за најдобар вокален џез-албум. Во „Сити хол“ по полноќ настапува наградуваниот алт-саксофонист и рапер Совето Кинч, еден од најразновидните музичари на британската џез и хипхоп-сцена.

На завршната вечер, во недела, публиката ќе ужива во музиката на канадскиот тандем – Сара Нуфелд и Колин Стетсон, кои на виолина и саксофон создаваат богати и егзотични звуци, а по нив, за крај на годинашниот Скопски џез-фестивал, концерт ќе има осумчлениот шведски бенд „Англес 8“ кој свири современ џез, комбинација од разновидни музички влијанија.

Пред официјалното отворање на Фестивалот, вчера во фоајето на МОБ беше отворена и изложба на џез-фотографии, насловена „Sweet Addiction“, на авторката од Словенија Петра Цвелбар.

Фестивалот се одржува под покровителство на Министерството за култура, а втор на дизајнот на плакатот за годинашното издание е Карло Меѓугорац.

Би можело да ве интересира

Награда за најдобар македонски млад џез музичар на Скопскиот џез фестивал во МКЦ

Вечер на Скопскиот џез фестивал посветена на солидарноста на бегалците

Почна јубилејното 40. издание на Скопскиот џез фестивал

А1он

Почнува јубилејното 40. издание на Скопје џез фестивал

Ана Ололовска

Почнува 39. Скопски џез фестивал

Ана Ололовска

Влатко Стефановски и Теодосиј Спасов ќе го отворат 39. Скопски џез фестивал

Ана Ололовска