Американско-британска вечер на Скопскиот џез фестивал

Од:

Американскиот композитор и пијанист Крег Тејборн кој нуди нова перспектива во создавањето џез-музика и кому лани Асоцијацијата на џез-новинари му ја додели наградата за најдобар пијанист, настапува вечер во МОБ на Скопскиот џез фестивал.

По него гостува џез-пејачот и композитор Грегори Портер, чиј албум „Liquid Spirit“ имаше голем комерцијален успех и освои награда „Греми“ за најдобар вокален џез-албум.

„Сити хол“ по полноќ е резервиран за наградуваниот алт-саксофонист и рапер Совето Кинч, претставникот на британската џез и хипхоп-сцена.

Според списанието „Downbeat“, Тејборн е еден од визионерите на новиот музички бран. Нуди нова перспектива во создавањето џез-музика. Настапувал со Џејмс Картер, Роско Мичел, Дејв Холанд, Крис Потер,…, истовремено градејќи репутација на соло-пијанист.

Портер е препознатлив по вокалната моќ и мајсторство. Неговите интерпретации се движат меѓу џезот, соулот и госпелот. Во 2013 година албумот „Liquid spirit“ ја освојува наградата Греми и доживува голем комерцијален успех, ретко забележан во историјата на џезот.

Музиката на Кинч се опишува како „прекрасна комбинација на брилијантност, духовитост, сценски настап и чиста енергија“. Речиси самоук, овој дипломец по историја на Универзитетот во Оксфорд постојано црпел инспирација од влијателниот изведувач и бенд-лидер Кортни Пајн. Во неговите рап – стихови со интелектуални референци, преовладува уличниот сленг на Бирмингем.

Фестивалот завршува утре, со концерти на канадскиот тандем – Сара Нуфелд и Колин Стетсон, кои на виолина и саксофон создаваат богати и егзотични звуци, како и на осумчлениот шведски бенд „Англес 8“ кој свири современ џез, комбинација од разновидни музички влијанија.

Годинашниот 34. Скопски џез фестивал почна завчера со настапите на американскиот гитарист Џејмс Блад Алмер и меѓународно реномираниот тромбонист од Италија Џанлука Петрела. Вчера на програмата беа германскиот пијанист Јоаким Кин, еден од најзначајните претставници на џез-авангардата, и триото на Авишаи Коен од Израел, кој е меѓу најголемите светски виртуози на контрабас.

Во полноќниот термин вчера во „Сити хол“, гостуваше џез-секстетот „Melt Yourself Down“, во кој членуваат неколкумина најиновативни музичари на џез, рок и ворлд-мјузик сцената во Велика Британија.

Фестивалот се одржува под покровителство на Министерството за култура, а автор на дизајнот на плакатот е Карло Меѓугорац.

Би можело да ве интересира

Награда за најдобар македонски млад џез музичар на Скопскиот џез фестивал во МКЦ

Вечер на Скопскиот џез фестивал посветена на солидарноста на бегалците

Почна јубилејното 40. издание на Скопскиот џез фестивал

А1он

Почнува јубилејното 40. издание на Скопје џез фестивал

Ана Ололовска

Почнува 39. Скопски џез фестивал

Ана Ололовска

Влатко Стефановски и Теодосиј Спасов ќе го отворат 39. Скопски џез фестивал

Ана Ололовска