За долгогошната соработка со режисерот Педро Алмодовар, пријателството и меѓусебните несогласувања, денеска во Битола зборуваше кинематограферот Хозе Луис Алакаине, кој е дел од неговиот последен проект „Болка и слава“ што синоќа го отвори фестивалот на филмската камера „Браќа Манаки“.
Алкаине раскажа дека иако двајцата долго се знаат, тие 16 години не работеле заедно на филм бидејќи биле скарани. Лутината низ годините поминала, па нивната соработка во моментов, кинематограферот ја оцени како одлична. Рече дека од почетоците во 1988 година кога разботеле заедно на „Жени на работ на нервен слом“, па досега и двајцата многу се промениле.
„Бевме скарани повеќе од 16 години и не работевме заедно на филм. Тој не ме бараше и ниту јас него, сѐ до 2004 година кога Естер Гарсија кој е директор на продукцијата на сите филмови на Алмодовар ме праша дали нема да ми пречи ако снимам уште еден филм со Педро. Тогаш помислив дека 16 години се доволни да помине лутината и сега повторно работиме“, раскажа Алкаине низ смеа.
Осврнувајќи се на филмот „Болка и слава“, кинематограферот откри дека Алмодовар обрнува исклучително внимание на боите кои понекогаш е тешко да се прикажат на големото платно.
„Снимавме сцена во која Антонио Бандерас седеше со зелена прекривка која е многу специфична за доловување. Неговото тело правеше сенка, но Алмодовар инсистирапе зелената боја да биде насекаде иста и без сенки. Местевме многу за да ја снимиме сцената“, кажа тој.
Алкаине синоќа присуствуваше и на отворањето на фестивалот, каде посочи дека јазикот на којшто тој зборува не е шпанскиот, англискиот или македонскиот, туку сликите и преку нив најдобро може да се изрази. Кинематограферот во Битола доаѓа по втор пат, откако пред шест години ја доби наградата „Златна камера 300“ за животно дело.
Елена Тарчуговска