Албански театар-Скопје со премиерата „Предавање“ гостува на „Охридско лето“

Од:

Драмската програма на „Охридско лето“ продолжува со уште едно свежо драмско остварување, овојпат со премиерната изведба на претставата „Предавање“ на Мартин Мек Донах, во изведба на Албанскиот театар од Скопје.

–   Албанскиот театар  е еден од редовните гости на „Охридско лето“, кој низ годините остави лепеза театарски претстави и сновиденија што ќе останат во фестивалските анали, но и на театарот во Македонија воопшто. Овојпат со Мартин Мек Донах, еден од најизведувавните автори во светот, признаен и како автор, режисер, но и сценарост, истакна селекторот на драмската програма на „Охридско лето“, Ѓорѓи Јолевски.

Актерот Адем Карага за најновото продуцентско остварување на Албанскиот театар рече дека била можност на новите луѓе во куќата да ги изнесат своите знаења, умеења и професионални посебности.

–  Ова е втор текст на Мек Донах што го работиме. Мислам дека направивме добра претстава, благодарение на младиот режисер Ќендрим Ријани и неговите искуства стекнати во Даблин и Прага, истакна Карага.

Режисерот на поставката „Предавање“ Ќендрим Ријани рече дека овој последен драмски текст на Мек Донах претставува отсликување на реалноста присутна и на овие простори, со сите недостатоци и проблематики, сите радости и таги.

–  Моја оценка е дека во претставата повеќе внимание му посветивме на драмскиот дел, наспроти комичноста во текстот. Дејствието се одвива во еден град во САД, каде реката што протекува низ него го дели на две ирационални средини, задоени со расизам. Мек Донах преку овој авторски текст и четирите улоги во него одлично ја доловува суровата реалност на секојдневниот живот, истакна Ријани.

Луран Ахмети за својата улога во претставата рече дека наспроти досегашните искуства да толкува главно сериозни ликови, овојпат има можност да толкува улога на нарко-зависник, и преку  некаква поголема слобода во изразот да се претстави пред публиката во некакво поинакво светло.

Претставата „Предавање“ ќе се игра на Малата сцена на Центарот за култура „Григор Прличев“ со почеток од 21 часот. Бруталноста е еден од препознатливите начини на изразување на текстовите на Мек Донах, така што претставата не е за млади под 16 години.

Би можело да ве интересира

„Ние, луѓето“-премиера

Битолскиот театар гостува на фестивал во Врање

Во Прилеп се одржа „Прилеп фото фест“

„Боинг Боинг“ го затвори годинашното издание на Меѓународниот театарски фестивал во Крива Паланка

Битолскиот театар со „Хамлет-денот на убиствата“ на фестивал во Полска

Премиера на комедијата „Жени во црвено“ во Македонија