Алаѓозовски во Небрегово: Зачувувањето на јазикот е наш врвен приоритет

Од:

Денот на независноста на Република Македонија денеска беше одбележан и со чествување пред Спомен – куќата на Блаже Конески во Небрегово, прилепско.

На денешното чествување присуствуваше и министерот за култура Роберт Алаѓозовски, кој истакна дека Денот на независноста денеска се прославува и кај Спомен куќата на џинот од Небрегово, кој, како што рече, не задолжи со неговиот огромен придонес за македонскиот јазик и книжевност.

– Делото на Конески говори самото за себе, а можност за да дознаеме повеќе имаме секако денес, од нашите домаќини од Фондацијата „Небрегово“, наши истакнати научници, професори, писатели, негови современици, ученици и следбеници. Нашето присуство и овој настан тука денес не се случајни, ниту пак само симболички или протоколарни. Од ова место, родниот крај на еден од создателите на модерниот македонски јазик, токму на Денот на независноста, би сакал во име на Владата на Република Македонија и на Министерството за култура да порачам дека јазикот, неговото зачувување, негување и унапредување како еден од столбовите на нашиот идентитет, е наш врвен приоритет, истакна министерот Алаѓозовски.

Тој посочи и на фактот дека Владата на својата последна седница, одржана пред два дена, усвои 11 предлог – мерки, со кои се отвораат значајни можности и механизми за унапредување на состојбата со македонскиот јазик.

Според него, мерките предвидуваат основање Фонд за поддршка на афирмирањето на македонскиот јазик, за отворање и одржување на лекторатите на странските универзитети, како и за научни дела посветени на македонскиот јазик од сите области. Накави дека меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура ќе прерасне во Македонистички центар со повеќе функции, ќе се формира постојана Школа за изучување на македонскиот како странски јазик (Македоникум), Центар за постојана обука за лекторите по македонски јазик, како и Школа за подука по македонски јазик за македонските деца надвор од Македонија со соодветна издавачка дејност.

– Ќе обезбедиме поддршка и за другите етнички заедници за учење на македонскиот јазик и формирање на мултиетнички и повеќејазични педагошки и културни друштва. Гостувањата на нашите истакнати научни работници на странските универзитети за афирмирање на македонскиот јазик и култура ќе се реализираат преку Годишна програма со определен фонд. Ќе ја поддржиме и собирачката дејност: дијалектолошки материјали, народни песни и приказни на микро – ниво, како и нивната дигитализација, во и надвор од рамките на РМ, особено во соседните држави, рече Алаѓозовски.

Во мерките, меѓу другото, додаде дека се залагаат и за обновување на родните куќи и(ли) создавање музеи посветени на значајните личности за македонскиот јазик и македонската култура, како и натамошна поддршка на постојните (Мисирков, Пулевски, Рацин, Џинот…) по принципот на оваа спомен – куќа.

– Нема подобар ден од 8 Септември, Денот на нашата независност, токму пред куќата на великанот Блаже Конески, да ги истакнеме овие наши цели и нашата силна заложба да продолжиме напред – заедно. Преку негување и унапредување на нашиот јазик, нашата култура, нашата уметност и почитување на другите, да градиме едно слободно, креативно, критичко општество. Едно и еднакво општество за сите, во кое јазикот и културата се средство за комуникација, а не за поделби. Заедно да го обликуваме нашиот подобар живот и подобра иднина, во независна и слободна Република Македонија, истакна министерот за култура Роберт Алаѓозовски при чествувањето пред Спомен – куќата на Блаже Конески во Небреговово.

Според Трајко Стаматовски од фондацијата за македонски јазик „Небрегово“ почитувањето на делото на Конески е почит за јазикот, но и за себе си.

– Со ова покажуваме дека ние имаме чувство за минатото, но и за иднината и ако го негуваме, ние имаме иднина, Конески е великан на нашата национална мисла, рече Стаматовски.

Људмил Спасов, професор на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, смета дека е направено многу за јазикот, но во ова модерно време, како што рече, ни претстои уште многу работа.

– Ако се стремиме кон европската заедница во ова модерно време треба да работиме на уште поголема стандардизација и унапредување на јазикот. Тоа останува на новите генерации, рече Спасов.

Учесниците на свечениот собир се поклонија пред бистата на Блаже Конески и му оддадоа почит.

Би можело да ве интересира

Маричиќ: Македонскиот јазик е засекогаш вграден во мозаикот на европските јазици, а ние никогаш нема да се откажеме од нашата европска иднина

Орце Костов

Работниците контра министерката за култура: Зголемувањето на платите е два, а не 12 отсто

Орце Костов

Почина актерот Мустафа Јашар

Квинтетот на Симон Трпчески и оркестарот „Ајга“ со два концерти во Скопје

(ВИДЕО) Муамер Абедин, самоук музичар на повеќе од десет инструменти: Научив да свирам од велешката чалгија во која уживал и турскиот султан

Орце Костов

Костадиновска-Стојчевска објасни: Не финансираме фестивал во Косово, туку наши театри кои ќе учествуваат

А1он