Во Давос, Швајцарија, во тек е конференција на министрите за култура од земјите – потписнички на Европската културна конвенција и од земјите набљудувачи на Советот на Европа. Денес на конференцијата се обрати и министерот за култура на Република Македонија, Роберт Алаѓозовски, кој ја истакна поддршката на Македонија за Декларацијата, која го промовира концептот на култура на изградба (Баукултур).
На конференцијата, министрите за култура ги усогласуваат заклучоците околу Декларацијата Давос 2018, со која се промовира и новиот термин во културата, Баукултур (Baukultur), кој подразбира култура на изградба во поширока општествена смисла, што опфаќа повеќе процеси за висок квалитет во архитектурата, животната средина, заштитата на културното наследство и повеќе општествени области кои влијаат на квалитетот на животот.
Во неговото обраќање, министерот Алаѓозовски истакна дека овој концепт доаѓа во вистинско време, кога Македонија се соочува со сериозни предизвици во однос на диспропорционалниот раст и развој на нејзината територија поради миграциите и економската криза, со недостаток на грижа и одговорност за средината и нејзините вредности, со намалување на квалитетот на градењето, загуба на регионалните традиции.
„Силно верувам дека треба да го прифатиме концептот на висококвалитетен Баукултур, како одговорен и самосвесен чин на грижа за вредностите на средината и заедницата, на неколку нивоа кои бараат заеднички напори“, потенцираше министерот Алаѓозовски, посочувајќи го просторното планирање, грижата за културното наследство како потенцијал и ресурс за регенерација, но и целокупното подигнување на квалитетот на изградба, вештините и знаењата на сите вклучени во процесот како области на кои треба да се посвети особено внимание.
„Ние како Министерство и Влада сме во процес на донесување на Националната стратегија за културен развој 2018-2022. Во овој контекст, со гордост ве информирам дека во оваа Национална стратегија веќе се осврнуваме на оваа Декларација и отелотворуваме дел од нејзината содржина. Нека биде тоа наш почетен придонес во нејзиното побрзо спроведување. Затоа, јас сум повеќе од среќен да ја поддржам Декларацијата од Давос од 2018 година, очекувајќи ја со радост Европа на висококвалитетен Baukultur“, истакна Алаѓозовски во говорот пред министрите за култура на конференцијата во Давос.
Конференцијата ја нагласува неопходноста од холистички пристап кон баукултур, како општо добро и заедничка одговорност, а и итна потреба за заедничка акција за подобрување на изградената средина во градовите и руралните средини. Висококвалитетниот баукултур одржувајќи социјална кохезија и благосостојба, ќе поттикне енергични, динамични и мешани населби, ќе ја заштити животната средина и ќе генерира позитивна економска вредност. Со својата визија, која ја опфаќа целата изградена средина и е насочена кон општото добро, концептот додава клучен аспект на идејата за одржливост.