„Траекторија“ на СЈО продолжува на 20 март со аудио материјалите

Од:

Предметот на СЈО „Траекторија“, во кој обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски, екс министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и поранешниот директор на Агенцијата за државни патишта, Љупчо Георгиевски, продолжува на 20 март со разгледување на материјалните докази, наместо со сослушување на сведоците.

Претседателот на судечкиот совет Горан Бошевски на почетокот на денешното рочиште го одби како неоснован предлогот на одбраната СМС пораките да бидат отфрлени како докази во постапката, бидејќи тие не можат да се ценат во оваа фаза, како и барањето аудиоснимките и вештачењата да не се користат во постапката како материјални докази поради неможноста да се потврди нивната автентичност.

Груевски, Пешевски, Јанакиески и Георгиевски се обвинети дека во втората половина на 2012 година и во текот на 2013 година презеле повеќе дејствија со кои во постапката за избор на компанија за изградба на автопатите Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид ги искористиле и пречекориле своите овластувања. Тие пред Судот се изјаснија дека го разбрале обвинителниот акт и предлог, но оти не се чувствуваат за виновни.

Обвинителката од СЈО, Лиле Стефановска, во воедниот говор рече дека обвинетиот Никола Груевски сторил кривично дело „примање награда за противзаконско влијание“, додека Јанакиески, Пешевски и Георгиевски сториле „злоупотреба на службена должност“ и побара Судот да ги прогласи за виновни и да ги казни согласно законот.

Според СЈО со противправното дејствување на обвинетите кинеската компанија „Синохидро“ се стекнала со имотно-правна корист од 155.117.256 евра, а износот на штета претставува разлика меѓу износот на цена што како држава ја плаќаме на „Синохидро“ и цената што оваа компанија ја плаќа на подизведувачите.

Стефановска, исто така, објасни дека Пешевски и Јанакиески иако примиле и разгледале дополнителна понуда од компанијата „СВЕ“ понска за 4.800.000 евра од таа на „Синохидро“, не ја доставиле до Агенцијата за патишта и не ја зеле во предвид, а ја одбрале „Синохидро“.

Одбраната, во своите воведни говори, рече дека ќе покажат дека со околностите и податоците со кои располагале обвинетите при носење на одлуките не е направено противзаконско дејствие.

Пешевски, во воведниот говор рече, дека на судот ќе презентира детали и дописи, анализи и сведочења од кои ќе стане јасно како се одвивала постапката за двата автопати.

– Истакнувам дека се постигнати добри цени за делниците со заштеда на камати преку поволни кредити и под услови за ангажирање македонски компании и работници, изјави Пешевски.

Адвокатот на Миле Јанакиевски, Дончо Наков, рече дека само со доказите од СЈО ќе покаже дека Законот за јавни набавки е целосно применет и постапките на обвинетите се законити.

– Собранието и актуелната Влада не бараат раскин на договорот како незаконски, туку напротив со истите услови постигнаа и склучија Анекс на овој договор, рече Наков.

Посочи дека тврдењето за строга контрола на трошењето на државните пари важи и за СЈО и дека причината за разликите во цените е поради тоа, како што рече, неоснованото и незаконски направено вештачење од фирма, што СЈО ја ангажирала противзаконски и без тендер.

Адвокатот на Никола Гуревски, Еленко Миланов, во воведниот говор рече дека се прави апсурд, со тоа што како одбрана треба да докажуваат дека примената на законите и прописите не е кривично дело.

Обвинетиот Никола Груевски, пред судот рече дека обвинението е правна манипулација да му се нанесе лична штета.

Би можело да ве интересира

Груевски, Јанакески и Пешевски нема да одговараат за „Траекторија“

Судењето за „Траекторија“ одложено до назначување на нов судија

Нови рочишта за „ТНТ“ и „Траекторија“

Ана Ололовска

На Груевски и понатаму ќе му се суди за „Траекторија“

Нови рочишта за „Ласкарци“, „Монструм“ и „Траекторија“

Ана Ололовска

Судење за „Траекторија“: Вешто лице тврди дека се направени некои грешки во вештачењето

Ана Ололовска