Негативeн, дрзок и безобразен, конфликтен, слаб практичар… Како се избираат јавни обвинители?

Од:

Советот на јавните обвинители на новата веб-страница како чекор кон транспарентно работење и подобрување на ниската доверба кај грaѓаните ги постави записниците од седниците кои се одржале во 2017 и 2018 година. Во дел од нив може да се забележи дека членовите на Советот разговарале за карактерните особини на кандидатите, а многу малку за професионалните квалификации на кандидатите за обвинители и постигнатите резултати. Се дискутирало за јавниот настап на кандидатите на телевизиите, учеството на семинари и личниот впечаток на членовите.

Така на пример, на седницата од 1 ноември 2017 година, 8 члена на Советот, дискутирале за избор на државниот јавен обвинител. Она што е воочливо од записникот објавен на веб-страницата на Советот се дискусиите за кандидатите. За кандидатите Лорија Ваневска и Симон Кузманов никој од членовите не зел збор, но сите едногласно, без обраложение дале негативно мислење за овие кандидати.

Кога на ред дошла кандидатурата на адвокатот Звонко Давидовиќ, членката на Советот, Фиданка Рајевска рекла дека Давидовиќ многу се рекламирал во јавните настапи. Во записникот од 1.11.2017 пишува: „Г-ѓа Фиданка Рајевска истакна дека во изминатите неколку месеци лицето се рекламирало себеси во голема мера на јавни настапи, со што смета дека повеќе си направило штета отколку што му било во полза. Претседателот на Советот г. Коле Штерјев истакна дека кандидатот има познавање во кривичната материја и дека по природа не е таков каков што е на телевизискитe настапи“.

На истата седница, ВД јавната обвинителка Лилјана Спасоска, кажала дека адвокатот Еленко Миланов е изграден правник, но констатирала оти адвокати не треба да бидат јавни обвинители „од причина што немале заедничко со јавнообвинителската работа“.

За судијата Лазар Нанев, Фиданка Рајевска истакнала дека кандидатот го познава од семинари, ги разбирал работите теоретски, но оценила дека во праксата бил „осреден“. Лилјана Спасоска кажала дека кандидатот е повеќе тавтолог отколку практичар. Штерјев констатирал дека Нанев е неелоквентен и дека како судија не би се снашол на функцијата за која конкурира.

За обвинителката Лидија Раичевиќ, која конкурирала на огласот за државен јавен обвинител, Деса Пауновска истакнала дека кандидатката како оратор е одлична, но како практичар не ги исполнувала условите.

„Воедно истакна дека има лошо однесување и е без почит кон колегите“, пишува во записникот.

„Фиданка Рајевска истакна дека кандидатката е елоквентна, но без содржина, слаб практичар“.

Лилјана Спасоска се сложила со колешките и посочила неколку примери како Раичевиќ постапувала по кривични предмети. Коле Штерјев истакна дека „јавни обвинители кои требало да ја оценат нејзината работа бегале само да не ја оценат“.

За адвокатот Александар Тортевски, Фиданка Рајевска истакнала дека е добар правник, но дека „не е тип што би градел меѓучовечки односи“.

Во записникот пишува: „Претседателот на Советот г-дин Коле Штерјев се сложи со колешката Фиданка Рајевска во врска со кандидатот дека како правник е елоквентен и дека тука нема никакви дилеми. Но истакна дека во судница бил дрзок и безобразен, посочувајќи неколку негови однесувања по кривични предмети. Петар Аневски истакна дека кандидатот е конфликтна личност, а ако најде простор навредува, додека како кривичар истакна дека е солиден и дека има познавање од кривично-правната материја“.

Оваа институција за време на претходната власт беше критикувана дека ја опструира работата на специјалното јавно обвинителство, а годинава предизвика реакции во јавноста кога претседателот, Коле Штерјев, гласал воздржано на седницата за избор на неговата внука за обвинителка во Обвинителството за органзииран криминал и корупција, и кога членката на Советот, Фиданка Рајевска, гласала воздржано при реизборот на обвинителка која го гонеше нејзиниот сопруг за перење пари. Штерјев оттогаш не одоговара на телефонските повици на „Макфакс“.

Американскиот амбасадор Џес Бејли, јавно посочи дека со таквите одлуки за избор на обвинители, македонската јавност загубила неколку грама доверба во правосудството. За овој случај поранешната членка на атикорупциската комисија констатира судир на интереси, но извештајот не може да се изгласа поради неколкумесечната блокада на ДКСК.

СЈОРМ со помош од ОБСЕ изготви и предлог-комуникациска стратегија за периодот 2018 – 2021 година за да ја зголеми довербата во јавноста. Проценката на моменталната слика во јавноста за Советот на јавни обвинители била спроведена преку состаноци со членови на Советот и ОБСЕ, медиумите, правната и судската професија, граѓанското општество и општата јавност. Биле анализирани избор исечоци од весници, достапните податоци од јавното мислење и законодавството.

Ова тело кое ги избира и разрешува јавните обвинители, треба да ја осигура самостојноста на нивната функција и да оневозможи какво било влијание во јавното обвинителство.

СЈОРМ на седницата од 20 декември лани објави оглас за избор на јавни обвинители во Прилеп, Крива Паланка и Берово.

Васко Маглешов

Би можело да ве интересира

Антикорупциска повторно реагира за назначувањето на членови на Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители: Законите важат подеднакво за сите

Советот на јавни обвинители ја потврди одлуката на републичкиот обвинител за суспендирање на Хајрулахи

Катерина Ѓуровски

Филков: Измените во Судскиот совет и Советот на јавни обвинители се клучни за патот кон ЕУ

Петрушевски: Судскиот совет и Советот на јавни обвинители со упадот во Академијата за судии и јавни обвинители уште еднаш покажаа зошто народот нема доверба во правосудството

ВМРО-ДПМНЕ: Советот на јавни обвинители да престане со кршење на законот и веднаш да ја отповика Душица Димитриеска од УО на Академијата

Горан Наумовски

Лефков: Советот на јавни обвинители ја назначил сопствената претседателка за член на УО на Академијата за судии и обвинители, веднаш да ја отповика