Водечкиот руски производител на автомобили „Автоваз“ саопшти дека на купувачите им ги испрати првите пет електроавтомобили „Ел лада“.
Возилата на територијта на Кавкаските Минерални Води, посебно заштитени еколошки одморалишта во Ставрополската област, ќе бидат користени како зелени електротакси, пренесуваат руските медиуми.
„Автоваз“ и владата на Ставрополската област заедно го реализираат првиот руски обемен проект за практично користење на патничките електромобили.
Во согласност со спогодбите потпишани во август 2012 година, „Автоваз“ за Ставропол ќе произведе 90 електромобили.
Првите пет возила „Ел лада“ ќе бидат наменети за унапредување на технологијата за користење, тренинг и обука на кадри. Во ноември минатата година електромобилот го мина комплексното тестирање во Ставрополската област и покажа одлични експлоатациски карактеристики.
Електроавтомобилот „Ел лада“, е развиен на темелот на моделот „Лада калина“, тежок е 1.200 килограми, а може да развие брзина до 140 километри на час. За 150 километри градска вожња доволно му е осмучасовно полнење на обичен домашен електричен приклучок.