Лондон, Париз и Берлин ја дочекаа Новата година со големи огномети, но и со зајакнати безбедносни мерки на улиците.
Британците во Новата година влегоа со традиционалниот звук на Биг Бен, иако часовникот не беше во функција повеќе од една година поради обновувањето на кулата.
Жителите на Париз и туристите се собраа на Авенијата Елисејски полиња за да ја прослават новогодишната ноќ, под силно полициско обезбедување.
Антивладиното движење „жолти елеци“ претходно ги повика граѓаните преку социјалните мрежи да им се приклучат на „празничните“ протести на истата авенија.
Францускиот министер за внатрешни работи Кристоф Кастанер претходно истакна дека зајакнатите безбедносни мерки се неопходни поради „големата закана од тероризам и непрогласените протести“.
Францускиот претседател Емануел Макрон го одржа традиционалниот новогодишен говор и кратко ги изнесе приоритетите за 2019 година.
Пред Брандербуршката порта беа собрани дестици илјади луѓе за да ја прослават Новата година, исто така, со зајакнати безбедносни мерки со околу 1.300 полицајци, распоредени ширум германскиот главен град.