Се разработеа пратениците во претпоследниот работен ден во оваа 2018 година. За денеска некои од пратениците ќе треба да се „клонираат“ за да стигнат секаде. Закажани се 5 седници на Собранието и 4 седници на Конисиите.
За последен пат во неговиот втор мандат, своето гледање, оценки и како што се очекува силни критики, од собраниската говорница ќе упати шефот на државата Ѓорге Иванов. Од опозицијата велат дека чекаат што се ќе каже Иванов и од тоа дали ќе ја премине црвената линија на пристојност и дали ќе излезе од своите надлежности, ќе зависат и нивните реакции.
По многу натегнувања и опструкции, велат, во Новата година ќе се влезе со ново, усогласено законско решение за аудио и аудио-визуелни услуги. За оваа тема се одделени 30 минути, затоа што веќе во 13 часот е закажано продолжение на 78 седница, на која ќе се расправа и одлучува за измените и дополнувањата на Законот за возила, измените и дополнувањата на Законот за царинска управа, по скратена постапка, информацијата за енормното загадување на амбиенталниот воздух поднесена од пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, како и Годишниот извештај за работата на Советот на јавни обвинители за 2017 година.
Во 15 часот е нова седница на која се реформските закони-Законот за судовите, Предлог на законите за прекршоците, за Судскиот совет на Република Македонија, за управни спорови и Предлог на законот за извршување на санкциите, сите во прво читање, како и Предлог на законите за изменување и дополнување на Законот за данокот на добивка, и на Законот за преземање на акционерските друштва, двата по скратена постапка. И веднаш се продолжува со Законот за корупција и судир на интереси, кој се ставаше на дневен ред, па се поднесуваат амандмани, па се повлекуваше, а времето тече бидејќи за месец и половина ќе се распишат претседателски избори. Антикорупциската не функционира повеќе месеци, а желбата е таа да работи по нови стандарди, да се измени начинот на работа и избор за да биде поефикасна и партиските влијанија да бидат елиминирани.
Последната од неколкуте варијанти на Кривичниот закон е исто така денеска предизвик за пратениците. По жестоките реакции на јавноста членот 353 нема да се менува, но најверојатно ќе се менува членот 275 став в, а кој се однесува на злоупотребата на постапката за јавен повик, договор за јавна набавка а со кој затворската казна ќе се намали од 5 на 4 години. Ова ќе значи дека че се „спасат дел од обвинетите на СЈО.
Во 16 и 30-ново продолжение на друга седница со 16 точки, меѓу кои се закони од економска и социјална сфера.
И во Комисиите денеска ќе биде бурно. Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците и Законодавно-правната комисија ќе расправаат за Граѓанската иницијатива на Светскиот Македонски Конгрес на Тодор Петров за собирање 150.000 потписи за распишување задолжителен референдум на државно ниво за името.