Американецот Тед Лигети е победник на денешната суперкомбинација од Светското првенство во алпско скијање што се одржува во Шладминг, Австрија.
За Лигети ова е втор златен медал на ова првенство, откако пред пет дена беше победник и во супервелеслаломот. Лигети на претпладневниот спуст го освои 6.место, но одлично го извозе вечерашниот слалом и на убедлив начин триумфираше пред своите конкуренти. Вкупното време од двете трки за американскиот скијач изнесуваше 2:56,96.
Сребрениот медал од суперкомбинацијата му припадна на Хрватот Ивица Костелиќ кој зад победникот заостана за 1.15 секунди, а третото место го освои водечкиот по спустот Ромед Бауман (Австрија) со 1.34 секунди послабо време од Лигети. Ова воедно беше прв медал за домаќините на ова Светско првенство што предизвика воодушевување на 40 илјади присутни навивачи на патеката крај Шладминг.