Светските политички и верски лидери денеска изразија длабока почит и разбирање за одлуката на папата Бенедикт Шеснаесети да се повлече бидејќи чувствува намалување на физичката и духовна енергија.
Германската канцеларка Ангела Меркел, од каде потекнува папата, истакна дека чувствува најголема почит за тешката одлука на Бенедикт Шеснаесети, кој беше и останува еден од најзначајните религиски мислители на нашето време.
– Доколку папата чувствува дека повеќе нема сила да ги извршува обврските, тој го има моето најдлабоко почитување, нагласува Меркел во соопштението.
Британскиот премиер Дејвид Камерон изјави дека папата неуморно работел на јакнењето на врските со Велика Британија.
Новиот надбискуп на Кантербери, Џастин Велби, кој е лидер на Англиканската црква, истакна дека папата беше предвесник на надеж во време кога се јавија сомнежи во христијанската вера.
– Ја примивме одлуката на папата со тешко срце, но со разбирање, изјави Велби, кој минатиот понеделник ја презема должноста.
Надбискупот на Виена, кардиналот Кристоф Шенборн одлуката на Бенедикт Шеснаесети за повлекување ја оцени како „невообичаен чекор“, кој заслужува најголема почит.
Шенборн, кој на претходниот избор на папа беше еден од фаворитите, одби да коментира кој би можел да биде потенцијален наследник.