Министерката за правда Рената Дескоска, денеска изјави дека одлуката на Судскиот буџетски совет за зголемување на платите на членовите на Судскиот совет е незаконска. Со ова се потврдија и пишувањата и укажувањата на А1он дека Судскиот совет на Зоран Караџовски донесе незаконска и скандалозна одлука, единствено во своја корист.
„Вчера на седница, без да добијам покана за да присуствувам, тие донеле одлука за ретроактивно зголемување на додатоците на плата. Одлуката на Судскиот буџетски совет за ретроактивно зголемување на додатоците на платата е незаконска“, рече Дескоска, која по функција е член на Судскиот совет.
Дескоска децидно посочи дека според Законот, основ за зголемување на додатоците на плата имаат судиите, но не и за членовите на Судскиот совет.
„Законски основ за додатоци на плата има за судиите, но не и за членовите на Судскиот совет. Кога сами си доделуваат додатоци кои не им следуваат не е само скандал туку е и противзаконски“, рече Дескоска.
Зоран Караџоски, претседателот на Судскиот совет како претседател на Судскиот буџетски совет, заедно со членовите донеле одлука за зголемување на платите на ова тело за 21.000 денари.
Станува збор за зголемување на платите за 35 отсто, а дејството ќе биде ретроактивно и ќе има исплата на овој надоместок и за платите од септември и октомври.